СКОПЈЕ (АА) - АДМИР ФАЗЛАГИЌ -
Односите помеѓу Северна Македонија и Бугарија се во фокусот на јавноста не само во регионот, туку и поширико поради бугарското вето на интеграциите на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ). Бугарија во ноември 2020 година стави вето на преговарачката рамка на Северна Македонија со ЕУ, поради спорот околу заедничката историја, јазикот, како и барањата за правата на бугарската заедница во земјата.
Со цел надминување на спорот, министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска, на 17 јули во Софија потпишаа билатерален протокол, еден од клучните документи со цел Северна Македонија да ги отвори преговорите со Европската Унија.
Сублимирано, протоколот предвидува Северна Македонија и Бугарија заеднички да одбележуваат историски личности и настани, промени во учебниците од историјата и географијата, избегнување на територијални претензии и говор на омраза во двете земји.
Потпишувањето на протоколот следуваше откако во Собранието на Северна Македонија на 16 јули беа изгласани заклучоците од францускиот предлог за надминување на спорот помеѓу Бугарија и Северна Македонија. По гласањето на заклучоците од францускиот предлог во Собранието, истиот ден Владата на Северна Македонија одржа седница и ги усвои заклучоците од Собранието и донесе одлука за одобрување на предлогот на француското претседателство од 30 јуни со кој треба да се откочат евроинтеграциите на земјата.
- Француски предлог -
Францускиот предлог се состои од два посебни документи, заклучоци на Советот на ЕУ и Преговарачката рамка. Во заклучоците на Советот, меѓу другото, се предвидува Бугарите да влезат во Уставот на Северна Македонија, после првата меѓувладина конфереција и официјалниот почеток на преговорите. Во Преговарачката рамка, јазикот е дефиниран како „Македонски“, без дополнителни фусноти и објаснувања. За разлика од претходниот француски предлог со кој не беше задоволна Владата на Северна Македонија, параграфот кој се однесува на јазикот во сегашниот предлог е напишан појасно и поедноставно. Но и понатаму останува дека ЕУ ќе ги забележува унилатералните декларации на Северна Македонија и Бугарија во однос на јазикот.
По гласањето на заклучоците на фрацускиот предлог во Собранието на Северна Македонија и Владата, премиерот Димитар Ковачевски одржа прес-конференција на која информираше дека со оваа одлука „започнува процесот на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ“ и дека со ова се „заокружува уште еден објективно историски чекор за земјата.“
Сепак, според потпишаниот протокол со Бугарија, Северна Македонија нема да може да ги отвори преговарачките поглавја со ЕУ пред да се смени Уставот, за да во него бидат ставени и Бугарите. За тоа да се реализира, потребно двотретинско мнозинство во Собранието, односно, поддршка од 80 од вкупно 120 пратеници, колку што брои Собранието на Северна Македонија.
За сега, владејачката коалиција ја нема таа поддршка, а од опозициската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека се против тоа.
- Што има во билатералниот протокол помеѓу Бугарија и Северна Македонија?
По потпишувањето на билатералниот протокол меѓу Северна Македонија и Бугарија, на брифинг со новинарите во Скопје шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, го презентираше протоколот и истакна дека тој е реципрочен.
„Три прашања беа важни за Северна Македонија, а тоа е протоколот да не биде дел од преговарачката рамка, македонскиот јазик да биде чист во комуникацијата со ЕУ и историските прашања да се надвор од преговорите“, рече министерот Османи.
Како што објасни Османи, во својата правна суштина, протоколот е записник од состанок, во кој има дневен ред, преглед на политичкиот дијалог, средбите и активностите, како и преглед на секторска соработка и на меѓуресорските работни групи. Во протоколот има пет теми за кои двете држави треба да преземаат мерки. Петте теми се однесуваат на историјата, поддршка на интеграциите во ЕУ, говор на омраза, територијални претензии и рехабилитација на жртвите на репресија од комунистичкиот режим.
„Со потпишувањето на овој Протокол, Бугарија потврдува дека ќе даде согласност за усвојување на конечниот предлог на француското претседателство со Советот на ЕУ од 30 јуни 2022 за усвојување на Преговарачката рамка и одржување на меѓувладините конференции за почеток и комплетирање на фазата на отворање на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ“, пишува во протоколот.
Од друга страна, бугарската министерка за надворешни работи, Теодора Генчовска, на брифинг со новинарите изјави дека отсега само од Северна Македонија зависи кога ќе влезе во ЕУ и колку долго ќе трае преговарачкиот процес. Таа нагласи дека „следните чекори треба да доведат до вклучување на Бугарите во македонскиот Устав но и не само во него, туку во целото законодавство.“
news_share_descriptionsubscription_contact
