Admir Fazlagic
13 Март 2018•Ажурирај: 14 Март 2018
СКОПЈЕ (AA) - Светски познатата турска танцувачка група „Anadolu ateşi" (Огнот на Анадолија) синоќа настапи во Скопје во спортската арена „Борис Трјаковски" и со својот богат репертоар на игри и танци, ја фасцинираше публиката, јавува Anadolu Agency (AA).
Бројната публика во Скопје имаше можност да види комбинација на турска култура и историски народни игри од различни подрачја на Турција, но и современи игри, балет и акробатски елементи. Игрите на оваа светска танцувачка атракција се засновани на 4.000 години стара танцувачка култура на анадолската цивилизација.
На синоќешниот концерт присуствуваа амбасадорката на Турција во Македонија Тулин Еркал Кара, министерот задолжен за странски инвестиции во Владата на Македонија Аднан Ќахил и бројни гости.
Во рамките на синоќешната програма, како предгрупа настапи и националниот ансанбл за народни игри и песни на Македонија „Танец".
„Anadolu ateşi"
Извонредната турска танцувачка група „Anadolu ateşi" е основана во 2001 година на чело со уметнички директор Мустафа Ердоган.
Оваа танцувачка група ја започна својата прва светска турнеја во 2002 година. Од тогаш, групата настапила во повеќе од 80 земји ширум светот, во најпрестижните музички центри, како што се Медисон Сквер Гарден, Театарот во Чикаго, пред Ајфеловата кула во Париз, во Кремљ, пред пирамидите во Гиза.
Танцувачката група „Anadolu ateşi" држи два Гинисови рекорди - првиот за најбрз танцувачки перформанс со 241 чекор во минута, а вториот за најбројна публика, околу 400.000 луѓе во турскиот град Ерегли.
Пред концертот во Скопје, танцувачка група „Anadolu ateşi" на 7. март настапи во Белград, главниот град на Србија.