Alparslan Ermiş
10 Декември 2019•Ажурирај: 11 Декември 2019
ИСТАНБУЛ (АА)
- Апларслан ЕРМИШ
Волкан Јаран, наставник по музика во Основното училиште „Чагрибеј“ во турскиот град Силиври, со цел што повеќе да им ја доближи музиката на своите ученици, зеленчукот го претвора во инструменти.
Јаран, наставник по музика кој зеленчукот, како што се морков, трупка, тиква и брокула ги претвора во инструменти, посакува неговите ученици да ја почувствуваат и музиката од природата.
Волкан Јаран во разговор за Агенција Анадолија (АА) раскажа дека музиката и звуците се присутни во секој момент од животот, додавајќи дека покрај изработката на инструменти од зеленчук, и јајцето го користи како музичка алатка, откако претходно ќе го издупчи и ќе ја испразни неговата внатрешност.
„Ги познаваме само оние вистински инструменти и култури, кои опстоиле до денес и допреле до нас. Подготвив еден ваков експеримент со цел да го привлечам вниманието, особено на младата генерација и да ги натерам младите да почувствуваат дека музиката е насекаде во универзумот“, рече Јаран, истакнувајќи дека секој треба да ги чуе звуците на природата.
- „И јас сакам да го чујам звукот на морковот“
Јаран рече дека учениците особен интерес покажуваат за звукот што го произведува морковот.
„Речиси секојдневно во мојот кабинет доаѓаат голем број ученици со морков во рацете и молба ’Наставниче, дали би можеле и мене да ми изработите кавал од морков? И јас сакам да го чујам звукот на морковот.‘ Врз основа на овој интерес, се запрашав од кој друг вид зеленчук би можело да се изработи инструмент, и затоа правев најразлични експерименти. Од еден друг вид зеленчук што учениците многу го обожаваат, особено кога е испржен, компирот, го изработив инструментот окарина", исакна Јаран.
„Со цел да го привлечам нивното внимание направив експерименти со музички алатки изработени од зеленчук. Се надевам дека голем број ученици со задоволство во своите домови произведуваат звуци од предметите што ги опкружуваат", додаде тој.
Јаран раскажа и дека голем број ученици кои ги забележуваат неговите залагања, со задоволство почнуваат да произведуваат звуци со предметите што ги земаат од училишната кујна.
„Тоа претставува големо задоволство, бидејќи децата согледуваат дека звуците се наоѓаат насекаде околу нас“, рече Јаран.
Меѓу останатото, тој посочи дека уште од неговите ученички денови покажувал интерес кон инструментите. Јаран за 17 години формирал колекција од над 400 жичани, удирачки и други видови инструменти.