Besar Ademi
12 Март 2018•Ажурирај: 13 Март 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, по средбата со неговиот полски колега Јацек Чапутович, кој престојува во посета на Република Македонија, осврнувајќи се на политиката на Европската унија (ЕУ) за проширување, изјави дека наредните месеци се клучни за Македонија, но и за Балканот, јавува Anadolu Agency (AA).
„Следните месеци се исклучително важни за Република Македонија, важни се за Балканот. Важно ни е што повеќе земји членки да се вложат во смисла на политички анганжман, ова прашање да се затвори успешно и затоа ова беше еден убав и важен ден за нас”, рече Димитров, додавајќи дека политиката на проширување е од голем интерес и за ЕУ.
Министерот Димитров рече дека неговата земја секогаш имала многу позитивни, пријателски, блиски односи и со многу разбирање со Полска. Тој додаде дека Полска е земја која ја поддржува Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ и НАТО.
„Очекуваме и правиме се што можеме во јуни земјите членки на ЕУ да донесат политичка одлука да започнат преговорите со Република Македонија. Има голем скок во трговската размена во 2017 година во однос на 2016 година, нешто што се надеваме ќе се зголеми со редовната линија што полската авиокомпанија ќе ја започне со шест лета недело од јуни годинава", рече Димитров.
Зборувајќи за спорот со името меѓу Македонија и Грција, министерот за надворешни работи рече дека ова е најтешкото ниво која Македонија треба да го помине, но додаде дека тие се обидуваат во неколку месеци да направат атмосфера на достоинствен компромис што ќе се доживее како достоинствен начин од двете страни за прашањето, кое, како што рече, „за многу години беше наталожено, повремено и маргинализирано, а понекогаш и злоупотребувано за домашни потреби”.
- Чапутович: Сакаме ЕУ да покаже подготвеност за земјите од Западен Балкан во Унијата
Полскиот министер, Јацек Чапутович, од своја страна рече дека неговата посета на Македонија се остварува за изразување на поддршката на неговата земја за аспирациите на Македонија и другите земји од Западен Балкан кон ЕУ и НАТО. Осврнувајќи се на односите меѓу Бугарија и Македонија, бугарското претседавање со ЕУ, како што рече тој, придонесува за пристапувањето на Македонија кон ЕУ.
„Ние сакаме ЕУ да покаже подготвеност за причекување на општество на земјите од Западен Балкан во Унијата. Следната година Полска ќе претседава со Берлинскиот процес, кој создава синергија со она што се случува во ЕУ формално. Во тоа време Романија ќе претседава со ЕУ и се надевам дека тоа ќе биде важно, бидејќи ние сакаме да бидеме посветени на Западен Балкан, за да во најкраток период направиме важен чекор во приближувањето на земјите кон пристапување во ЕУ и НАТО”, рече Чапутович.
Во врска со спорот околу името меѓу Македонија и Грција, шефот на полската дипломатија рече дека очекува разговорите меѓу претставниците на двете земји да завршат успешно. Тој истакна дека неговата земја, но исто така и другите европски земји, се обидуваат да обезбедат средина во рамките на која ќе има благосостојба и консензус.
„Мислам дека тие разговори ќе завршат успешно. Забележуваме големи и значајни гестови од македонската страна, како што е промената на името на аеродромот. Гледаме решителна подготвеност во разговорите за прашањето за името, а од друга страна забележуваме потреба и очекување од македонската страна да се обрне внимание на одредени прашања поврзани со идентитетот”, рече Чапутович.
Димитров и Чапутович претходно присуствуваа на седмиот состанок меѓу Полска и Македонија во процесот на евроинтеграција наречен „Скопска конференција” со владини претставници од Македонија и Полска.