Admir Fazlagic
01 Јуни 2019•Ажурирај: 02 Јуни 2019
СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје денеска се одржа „Skopje Classic Day“, меѓународен настан на кој љубителите на олдтајмери имаат можност да погледнат над 50 автомобили и 30-ина класични мотицикли кои се постари повеќе од 30 години, јавува Anadolu Agency (AA).
Веќе втора година по ред се организира овој настан, а изборот на автомобилите и мотоциклите е направен од страна на клубот „Gentleman’s Crew“, кој е организатор на манифестацијата.
Во рамките на овогодишниот „Skopje Classic Day“ учествуваат колекционери од земјава, како и над дваесет колекционери од Србија, Хрватска, Косово, Бугарија и Германија.

Според организаторите, и овој пат, главната идеја за организирање на настанот е да се соберат на едно место уникатни примероци на историски возила од регионот и пошироко.
Меѓу другото, „Skopje Classic Day“ е вклучен во Светската недела на класични мотоцикли организирана од FIVA – Меѓународна федерација на историски возила.
Клубот „Gentleman’s Crew“, во соработка со FIVA се вклучува во празнувањето на оваа недела на класични мотоцикли и сите учесници кои ќе ги претстават своите мотоцикли на „Skopje Classic Day“ ќе добијат специјална значка за учество.