Admir Fazlagic
08 Април 2019•Ажурирај: 08 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) - „Важно е политичкото учество на граѓаните Роми во донесувањето одлуки што се поврзани со унапредување на положбата на Ромите во Република Северна Македонија", истакна премиерот Зоран Заев на свечениот настан по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите – 8 април, пренесува Anadolu Agency (AA).
Прес-службата на Владата на Република Северна Македонија инфомираше дека премиерот Зоран Заев и пратеникот во Собранието на Република Северна Македонија, Самка Ибраимоски придружувани од министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Северна Македонија, Музафер Бајрам, вечерва во Скопје, во Националната опера и балет, учествуваа на свечен настан сто кој се се одбележа Меѓународниот ден на Ромите – 8 април.
„Република Северна Македонија, како и целиот свет, на 8 април празнува и слави една уникатна традиција, верување и култура.Традицијата, верувањата и културата на Ромите, како значајна вредност во светското но и на македонското културно наследство", рече Заев.
Во своето обраќање тој потсети дека првиот Светски конгрес на Ромите е одржан на 8 април 1990 година, истакнувајќи дека овој датум е еден од најважните историски датуми за ромската задница, затоа што со него Ромите добија своја химна и азбука, но и со него, на Ромите, им е загарантирано правото да бидат еднакви во општествата и да ги уживаат сите права, без дискриминација.
Тој повика и на како што рече, уште повисока граѓанска свест за потребите на граѓаните Роми во заедничкото општество на земјата.
Заев истакна дека веќе се направени првите чекори кон решавањето на горливите проблеми со домувањето, поседувањето лични документи, малолетничките бракови, пристапот до вработувања, до здравствено осигурување, вклученоста на Ромите во културата и образованието.
„На сите нас, од сите националности и вери - ни требаат и образовни и културни права - но потребен е и достоинствен живот. И факт е дека меѓу најзасегнатите за посочените прашања се токму граѓаните Роми", рече Заев.
Информираше дека е Подготвена е Програма за распределба на средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2019 година за поддршка на имплементација на Декадата и Стратегијата за Ромите за комунални и инфраструктурни проекти.
Додаде и дека Министерството за труд и социјална политика, заедно со Советот на Европа и Европската комисија и заедно со општините, почна проект со цел поддршка на локалниот развој, промовирање добро владеење и јакнење на вклученоста на Ромите на локално ниво.
„Важно е политичкото учество на граѓаните Роми во донесувањето одлуки што се поврзани со унапредување на положбата на Ромите во Република Северна Македонија. Затоа ве повикувам вас, сите вас, почитувани припадници на ромската заедница да се вклучите уште повеќе", истакна Заев и порача:
„И Ромите, и сите други граѓани на Северна Македонија, сите мораме да бидеме активни и одговорни во придонесот кон создавањето еднакво праведно општество, и држава која вложува во своите луѓе, држава која е дел од глобалниот демократски свет."
Министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Северна Македонија, Музафер Бајрам во своето обраќање истакна дека од круцијална важност е имплементацијата на Националната Стратегија за Роми која ги опфаќа реалните потреби на Ромите во областите на образованието, домувањето, вработувањето и здравството и повика на уште повисока граѓанска свест и одговорност кон потребите на ромската заедница.
Исто така, тој додаде дека Владата на Република Северна Македонија, цели да постигне социјална кохезија и еднаков развој и е цврсто определена да гради инклузивно општество со што ќе овозможи целосна социјална интеграција и на Ромската заедница.
По свечените обраќања, следуваше музичка изведба од страна на „Алексијан груп" од Италија.
Според податоците од пописот на населението и домаќинствата кој се спроведе 2002 година, во земјава живеат 53.879 Роми, односно 2,66 % од вкупната популација во земјата. Некои невладини организации наведуваат дека нивниот број е поголем поради фактот што голем број Роми немаат лични карти и не учествувале во пописот на населението.