Fatjon Cuka
09 Ноември 2017•Ажурирај: 10 Ноември 2017
ТИРАНА (AA) - Европската комисија (ЕК) внимателно ги следи предизвиците со коишто се соочуваат новинарите на подрачјето на Западен Балкан, изјави денеска во Тирана европскиот комесар за соседска политика и проширување Јоханес Хан, јавува Anadolu Agency (AA).
Хан престојува во дводневна посета на албанската престолнина, каде што се одржува конференцијата „Денови на медиумите, ЕУ – Западен Балкан“, а за време на обраќањето, европскиот комесар ја истакна важноста на поддршката на слободата на изразувањето.
„Слободата на медиумите е показател на функционирањето на правната држава. Критичкото известување е важно за демократијата. Медиумите можат да придонесат за да се изградат мостови, а не поделби. Се соочуваме со големи предизвици во врска со транзициските земји. ЕК ќе продолжи да дава поддршка за подобрување на медиумското опкружување, но и медиумите можат да направат многу“, истакна Хан.
Тој порача дека новинарството не се случува во изолирано подрачје, туку среде општеството. Хан истакна дека независниот медиумски сектор е важен за остварување на слободата на изразувањето, но оти треба да се разгледаат многу прашања, како што е сопственоста во медиумите.
Како што рече, политичките лидери и земјите-кандидати се одговори за гарантирање на слободата на медиумите, вклучувајќи ја безбедноста и пристојни услови на животот на новинарите.
„Слободата на медиумите е фундаментална вредност на ЕУ и предуслов за којшто не може да се преговара ниту со една земја-кандидат на нејзиниот пат кон ЕУ“, порача Хан.
Европскиот комесар за соседска политика и проширување утрово беше пречекан од министерот за европски и надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати.
Бушати и Хан разговараа за улогата на Албанија во регионалната соработка, координацијата на надворешната политика на Албанија и безбедноста на ЕУ, како и за реформскиот процес.
На конференцијата се обрати и албанскиот премиер Еди Рама, кој рече дека слободата на изразување е темелна слобода на ЕУ и камен-темелник на процесот за проширување на ЕУ.
„Слободата на изразување е основно право и тоа е најсилното оружје што го имаме во борбата против неправдата, корупцијата и другите негативни појави. Колку што сум сигурен, толку сум и песимист во врска со блиската иднина на медиумите, од причина што тие се во очите на сите", рече Рама.
На дводневната конференција „Денови на медиумите, ЕУ – Западен Баллан“, во организација на Европската комисија, ќе биде организирана работилница за различни теми како што се медиумите и пазарот, медиумите и дигиталната ера, како и стандардите на квалитетот во новинарството.