Admir Fazlagic
27 Јуни 2017•Ажурирај: 28 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Стопанската комора на Македонија одржа прес-конференција на темата „Регионална економска интеграција – очекувања од Самитот во Трст“, на која беше истакнат заклучокот дека сите земји имаат потреба да комуницираат со Европската Унија (ЕУ) и европскиот заеднички пазар, како и дека тој бара Балканот да настапи заеднички, јавува Anadolu Agency (AA).
Антони Пешев, претседавач на Собранието на Стопанската комора на Македонија, рече дека Берлинскиот процес е иницијативата којашто започна во 2014 година, во Берлин, и процесот продолжи со самитите сите овие години. „По самиот во Берлин“, потсети Пешев, „имаше самит во Виена каде што беше формиран Коморски инвестициски форум, потоа следуваше самитот во Париз, додека оваа година, во италијанскиот град Трст ќе се одржи Самит за регионална економска интеграција.
Според неговите зборови, земјите од Западен Балкан преку овој процес пронајдоа механизам со кој можат да бидат поблиску до ЕУ.
„ЕУ сака да го види Балканот поблиску до економските пазари на Унијата. Намената на иницијативата е забрзан заеднички развој на регионот. Оваа година, посебен интерес се покажува во заедничката соработка меѓу земјите од Западен Балкан, Македонија, Србија, Црна Гора, БиХ, Албанија и Косово,и рече Пешев.
„Регионот интензивно соработува со ЕУ. Речиси 75 отсто од целокупната размена на регионот се остварува со ЕУ, а уште поважно, тоа е само 1,2 отсто од вкупната европска економија, што значи дека Балканот партиципира многу малку во економскиот живот на Европа. Во изминатите четири месеци, Македонија со ЕУ има економска размена од 3 милијарди и 870 милиони американски долари, од кои 372 милиона се реализирани со земјите од Западен Балкан. Од тоа, имаме извоз од 1 милијарда 637 милиони, а од нив 172 милиона од земјите на Западен Балкан“, истакна Пешев.
Тој рече дека Европа покажува оти би сакала да го види регионот заедно во ЕУ. Пешев посочи дека се зборува за нов Маршалов план за Балканот и дека Македонија има повеќе проекти за овие пазари. Меѓутоа, како што рече претседавачот на Собранието на Стопанската комора на Македонија, досега е ефекутиран само еден проект – енергетското поврзување на Албанија и Македонија во износ од околу 49 милиони евра.
Амбасадорот на Италија во Македонија, Карло Ромео, изјави дека на 12 јули во италијанскиот град Трст ќе се одржи четвртиот Самит на земјите од Западен Балкан, кој е продолжување на берлинскиот процес што започна во 2014 година, по иницијатива на Германија.
„Вистинската цел на процесот на Западен Балкан е да го придружува процесот на интеграција на овие земји во ЕУ. На овој самит присуствуваат земји-членки на ЕУ, меѓу кои Германија, Франција, Австрија, Италија, Хрватска, Словенија, шесте земји од Западен Балкан и секако, ЕУ со свои претставници“, рече амбасадорот Ромео.
Тој информираше дека во рамките на самитот ќе се одржат различни собири на министрите на земјите учеснички. Меѓу другото, покрај министерските средби ќе се одржи и бизнис форум за платформата за Западен Балкан.
„Целта на форумот“, вели италијанскиот амбасадор Ромео, „е да се продлабочи економска соработка меѓу италијанските компании и компаниите на земјите од Западен Балкан“. Од Македонија ќе учествуваат 20 претставници, од јавни институции и од различни компании.
На форумот во рамките на Самитот во Трст ќе се разговара за различни теми, меѓу кои во фокусот ќе бидат превенција од корупцијата, конфликт на интереси, транспарентност, јавни набавки, теми кои организаторите ги сметааат за многу важни за здрав раст и развој за економиите од Баланот.
Заклучоците од форумот ќе бидат проследени до шефовите на државите на земјите учеснички на Самитот во Трст.