Senita Şeherçehayiç
12 Јули 2017•Ажурирај: 12 Јули 2017
ТРСТ (АА) - Во Трст сè е подготвено за денешниот четврти Самит на премиерите од Западен Балкан, кој се одржува во рамките на Берлинскиот процес, иницијатива започната од германската канцеларка Ангела Меркел, со цел унапредување на односите и забрзување на евроинтеграциите на земјите од регионот, јавува Anadolu Agency (АА).
Освен најавеното доаѓање на премиерите од земјите на Западен Балкан, во Трст би требало да бидат и претседателот на Франција, Емануел Макрон, германската канцеларка Ангела Меркел, а во име на домаќинот, италијанскиот претседател Паоло Џентилони.
Од официјалните претставници на ЕУ, ќе присуствува високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини, комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан, како и комесарката за сообраќај, Виолета Булц. Освен министрите за сообраќај на земјите од Западен Балкан, се очекува да дојдат и министрите за сообраќај од шест членки на ЕУ (Австрија, Хрватска, Франција, Германија, Италија и Словенија).
Според најавите, главна тема на четвртата средба на премиерите од Западен Балкан ќе биде економијата, којашто меѓу останатото доминираше на претходните средби од Берлинскиот процес, а во рамките на тоа ќе се зборува и за регионалната сообраќајна поврзаност.
Најавено е и потпишување на Договорот за транспортната заедница, кој ќе помогне во интеграцијата на транспортните мрежи во регионот и со ЕУ и ќе ги насочи реформските мерки во секторот за сообраќај.
За време на самитот, Европската комисија би требало да ги објави издвоените парични средства во рамките на годишниот „пакет за поврзување“.
Се очекува партнерите од Западен Балкан да постигнат договор за акцискиот план за развој на регионалното економско подрачје. Целта е зголемување на атрактивноста на регионот, за дополнително да се поттикнат инвестициите и создавањето на работни места.
Што се однесува до контактите меѓу луѓето, Европската комисија заедно со италијанската Влада организира Форум на млади на ЕУ и Западен Балкан, во рамките на самитот, за да се согледаат резултатите постигнати од минатата година и да се истражи понатаму областа на соработката.