Dzihat Aliju
29 Ноември 2017•Ажурирај: 30 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Денес во Скопје, во соработка на турската Фондација за економски истражувања и Стопанската комора на Македонија и Турција (МАТТО) се одржува симпозиум на темата „Нови хоризонти во развојот на економската соработка помеѓу Македонија и Турција“, јавува Anadolu Agency (AA).
На овој симпозиум учествуваа министерот без ресор во Владата на Македонија задолжен за странски инвестиции, Аднан Ќахил, амбасадорката на Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара, претставниците на турските институции и здруженија во земјата, како и голем број бизнисмени и поканети гости.
Министерот Ќахил во својот говор на отворањето на симпозиумот истакна дека новата влада има отворена економска соработка со сите земји, пред сѐ со Турција. Ќахил истакна дека и во минатото соработувал и работел на унапредувањето на економските и други односи со Турција и со другите земји.
„Македонија е мала земја, мала економија, но со големи можности. Отвореноста на нашата економија ни дава за право да се надеваме дека можеме да привлечеме многу бизнисмени, во која било област, да можат преку нас да влезат во сите пори на Европската Унија“, рече Ќахил.
Тој потсети дека Македонија има договори за слободна трговија со Турција, Бугарија и Украина, и додаде дека Македонија треба да има соработка со сите земји, пред сѐ со Турција, која е стратешки партнер во сите области.
Амбасадорката Кара нагласи дека Турција и Македонија имаат мултидимензионални односи коишто моќта ја црпат од заедничката историја и култура.
Таа истакна дека во овој период постои соодветна инфраструктура за развој на економските и трговските односи меѓу двете земји. „Но, покрај оваа соодветна инфраструктура, реализираниот трговски обем не е задоволителен од аспект на двете земји“, додаде амбасадорката Кара.
- Износот на турските инвестиции во Македонија е 1,2 милијарди евра
Кара истакна дека износот на турските инвестиции во Македонија е 1,2 милијарди евра, а вкупниот број на вработени достигнал до 5.000 лица, и посочи дека турските инвестиции во земјата се различни области како банкарството, здравството, градежништвото, земјоделството, текстилот и образованието.
Таа нагласи дека тие како Турција се една од земјите што се залагаат и ја поддржуваат Македонија во највисоките нивоа во НАТО. Според што го кажа, членството на Македонија во НАТО ќе ја направи оваа земја побезбедна и попривлечна за странските инвеститори, и ќе го поттикне економскиот раст.
Од друга страна, претседателот на Фондацијата за економски истражувања, проф. д-р Ахмет Инџекара, вели дека оваа фондација е основана за да се покрие потребата за информација на турскиот бизнис свет и на бизнисмените.
Инџекара посочи дека турските бизнисмени ги има во секое место во светот, и додаде дека тие како фондација имаат за цел да ја зајакнуваат економската, инвестициската, трговската и бизнис културата, како и да ја зголемат соработката во земјите каде што се наоѓаат турските бизнисмени.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Антони Пешев, истакна дека се многу горди што нивната организација ќе биде во состојба да помогне во отворањето на патиштата кон една нова, попродуктивна и покреативна соработка меѓу двете земји.
Претседателот на МАТТО, Ајдован Адемоски потсети дека придонесуваат во развојот на економските односи меѓу Македонија и Турција, и додаде дека најеминентните компании од Турција и од Македонија се членови на МАТТО.
Симпозиумот, кој се одржува со поддршка на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), Халкбанк и Стопанската комора на Македонија, ќе заврши денес, по одржувањето на панел-дискусиите.