СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Скопје, во организација на Хелсиншкиот комитет за заштита на човековите права се одржа тркалезна маса на темата „Бегалската криза во Република Македонија, моментална состојба, предизвици и идни чекори“, јавува Anadolu Agency (AA).
Учесниците на дискусијата порачаа дека, иако моменталната ситуација со бегалската криза во земјата е многу подобра за разлика од пред две години, илегалната миграција сѐ уште претставува еден од најголемите проблеми и нерешени прашања, со што бегалците се ставаат во незаштитена ситуација.
Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет во Скопје, Уранија Пировска, рече дека денешниот настан има за цел да ги чуе информациите од институциите кои беа вклучени во бегалската криза и се обидуваа да им го подобрат престојот на овие лица во Македонија.
Таа посочи дека за разлика од претходните години, состојбата со бегалската криза се трансформираше во постабилен дискурс, но дека илегалните миграциски движења и илегалната депортација сѐ уште претставуваат проблем.
„Во моментот, она што најмногу нѐ загрижува е илегалната депортација на бегалците во Грција и неможноста да добиеме информации што се случува со оние бегалци што во оној момент кога ќе стигнат во Табановце го напуштаат кампот со цел да се поврзат со криумчарски групи и да најдат илегален излез од територијата на Република Макеоднија“, изјави Пировска, која истакна дека апелирале до МВР дека е потребна поголема подготвеност за следење на оваа ситуација, бидејќи бегалците секогаш стануват жртви за различен вид злоупотреби.
Пировска истакна и дека институциите во Македонија треба да бидат свесни оти може повторно да се случи ескалација со бегалската криза, кога како што рече, владееше ситуација во која немаше никакви услови во државата за заштита на бегалците.
- „Во 2017 година забележани 14.200 илегални преминувања низ Македонија"
Даг Сигурдсон, претставникот на УНХЦР во Скопје, рече дека во текот на оваа година се забележани 14.200 илегални преминувања низ Македонија, што во просек значи 50 луѓе на дневна основа. Како што посочи тој, за разлика од пред две години, сега е карактеристично што се работи за друг профил на бегалци, односно околу 19 проценти од нив се мажи, сами, без семејство, кои користат различни средства за траспорт обезбедени од криумчарите.
Тој наведе и дека во Македонија досега 130 лица поднеле барања за азил, но тие исчезнуваат пред да се процесуираат нивните предмети.
„Моменталната состојба во Грција е загрижувачка бидејќи таму има голем притисок. Немаме доказ со кој можеме да прикажеме дека значителен број од нив ќе пристигнат наваму, но мораме да бидеме подготвени во иднина. Како предизвик останува сложената област на мешовита миграција", рече Сигурдсон.
Јасмин Реџепи од невладината организација „Легис" истакна дека во однос на ситуацијата од пред две години, сега постои нова ситуација со која се соочуваат бегалците, бидејќи сега балканската рута е затворена, а отворени се каналите за ирегуларна миграција, со што бегалците станаа жртви на криумчарите.
„Нашите транзитни центри располагаат со големи капацитети, а ние во моментов, во едниот транзитен центар имаме четворица, а во другиот еден бегалец. Проблем е со оние кои сѐ уште транзитираат во државата, а немаат никаква заштита во однос на нашата држава и се сметаат за ирегуларни и не се забележува криминалот што се извршува над нив", рече Реџепи.
Еден од заклучоците на дискутантните беше дека иако балканската рута е официјално затворена, бегалците и понатаму ќе продолжат да ја користат, а државата треба да ги зајакне своите капацитети во идентификација на лицата во мешовити миграциски движења, за да се увиди кои лица имаат потреба од меѓународна заштита, кои се ризик за безбедноста, а кои поминуваат само транзитно.
Во однос на предизвиците, беше наведено дека останува да се увидат правата и потребите на бегалците коишто влегуваат на територијата на земјата, коректно информирање од страна на медиумите за оваа состојба, точни и проверени информации без ксенофобија и антимигрантска реторика којашто може да доведе до загрозување на оваа категорија на луѓе.
news_share_descriptionsubscription_contact
