Ivana Ramadanova
02 Октомври 2016•Ажурирај: 03 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Со сесијата „Подобрување на управувањето со меѓународната миграција врз основа на човековите права“ денеска во Скопје завршува Есенската сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ, јавува Anadolu Agency (AA).
На сесијата се обрати министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Оливер Спасовски, кој во своето обраќање истакна дека проблематиката со миграцијата, особено сега во актуелниот глобален политички контекст е незаобиколен фактор кој очигледно мора да биде вкалкулиран во она што значи меѓународна соработка и дејствување.
Спасовски потесети дека сите земји од европскиот континент, особено во текот на минатата година, беа сведоци на сериозноста, тежината и заканите што произлегуваат од масивниот, и по обем и по траење миграциски барн од Блискиот Исток, додавајќи дека таа состојба бара меѓусебан соработка, неа само во насока на зајакнување на довербата туку и во насока на интензивирање на заеднички координиран пристап во справувањето со миграцијата.
„Проблемот со миграцијата не може да се гледа изолирано. Високите ѕидови не го решаваат тој проблем. Минатогодишните случувања покажаа дека доколку нема заеднички синхронизиран пристап, како на оперативно така и на нормативно ниво, тешкотиите и заканите ќе ги споделуваат како државите поединечно, така и несреќните луѓе принудени на мигрирање. МВР дава силна поддршка на сите иницијативи, предлози, проекти кои се во правец како на подобрување на справувањето со миграцијата така и во правец на динамизирање на мултилатералната соработка. Длабоко сум убеден дека во тој контекст ОБСЕ може да и треба да има исклучително важна улога", истакна Спасовски.
На завршната сесија, свое обраќање имаше и координаторот за Западен Балкан, Џанлука Роко нагласи дека трите предизвици со кои се соочува Меѓународната организација за миграција се демогравскиот предизвик, предизвикот на диверзитетот и предизвикот на хуманитарната катастрофа.
Роко истакна дека е потребно да се најде начин за да се обезбеди заштита на човековите права на сите оние кои што се во движење и да се даде неопходната помош на ранливите групи, а не само на правните категории.
„Вие парламентарците сте клучни актери во формулирањето и спроведувањето на владините политики но и во водењето на јавното мислење. Потребно ни е вашата помош за да ја смениме содржината но и тонот на дебатата за миграцијата и да ги поставиме темелите за насоки за миграцијата и мобилноста во 21 век. Потребно е да ги споиме силите и да бидеме навистина амбициозни. Дијалогот и поголемата соработка се неопходни, повеќе од кога било треба да соработуваме заедно, и да ги постигнеме посакуваните цели", рече Роко.
Есенската сесија на ПС на ОБСЕ почна завчера со Медитаранскиот форум, а продолжи со парламентарната конференција на тема „Зајакнување на мерките за градење доверба и добро владеење во регионот на ОБСЕ“.
Собранието на Република Македонија беше домаќин на Петнаесетата есенска сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ) каде учествуваа делегации од 51 земја, учеснички во ОБСЕ од Европа, Централна Азија и Северна Америка, како и од земји партнери за соработка на ОБСЕ.