Besar Ademi
16 Ноември 2016•Ажурирај: 17 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во организација на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и Мисијата на ОБСЕ, овие два дена во Скопје ќе се одржува регионалниот семинар за судии, обвинители и инспектори од Југоисточна Европа на темата „Намалување на користењето интернет за терористички цели“. Покрај учесниците од Македонија, присутни се и претставници на институциите од Босна и Херцеговина, Албанија, Србија, Црна Гора и од Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
Учесниците на семинарот сметаат дека во последно време, бројот на терористички акти извршени со помош на мобилни телефони, како што се смартфоните, постојано расте. Тие истакнаа дека терористите го користат интернетот за поттикнување, регрутација, обука, како и за планирање, комуникација и спроведување на терористичките акти.
Затоа целта на овој семинар е на националните официјални лица да им биде овозможен преглед како различните држави, регионалните и меѓународните организации, како и приватниот сектор го користат интернетот за адресирање на интернет-комуникацијата за терористички цели. Овој семинар исто така има за цел да даде насоки за спроведување на законските рамки и постојаните практики што се поврзани со криминализацијата, истрагата и следењето на користењето на интернетот за терористички цели, на национално и на меѓународно ниво.
Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Анета Арнаудовска, истакна дека овие терористички акти ги принудуваат современите демократии да ги злоупотребуват либералните права и да реагираат со нелегални средства.
„Последните меѓународни терористички инциденти, особено на ДЕАШ, покажаа дека социјалните мрежи и другите комуникациски средства на интернетот одиграа голема улога во поттикнувањето и реализацијата на терористичките акти, поддржување на екстремните реторики и идеологии, трансфер на финансиски средства за терористички цели, хакерски напади и, особено, ширење видеоснимки со пропагандистичка, терористичка содржина со радикалци што војуваат во Ирак и во Сирија, поддржувајќи го извршувањето на терористичките акти во западна Европа“, изјави Арнаудовска.
Од друга страна, германската амбасадорка во Скопје, Кристине Алтхаузер истакна дека ситуацијата во Сирија и во Ирак влијаела во многу држави-членки на ОБСЕ, поради што многу лица се приклучиле кон ДЕАШ и кон другите терористички организации. Според неа, ова се случува поради различните начини на комуникација преку интернет и ситуацијата е уште покомплицирана поради тоа што главна цел се младите.
„Тероризмот е многу голема закана, што им се заканува на мирот, безбедноста и на нашето општество. Тероризмот ја минира кохезијата, како и економската и социјалната соработка. Мислам дека овие видови на семинари се важни за преминување на границите и за основање една соработка меѓу нас, за да се бориме против тероризмот, затоа што оваа војна е во интерес на сите“, истакна Алтухаузер.
Шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Нина Суомалаинен, истакна дека интернетот е клучна алатка за ширење на пропагандата од страна на лица кои имаат директни контакти со поддржувачите и водачите на терористичките организации. Таа додаде дека претходно овие акти се реализирале преку личен контакт, додека денеска интернетот помага тие да се реализират на побрз и полесен начин.
„Клучот за војната против тероризмот е соработка меѓу агенциите за спроведување на законот, и обвинителите. Овој семинар ќе придонесе професионалците во оваа област, од регионот, да се запознаат меѓу себе, да дискутираат за своите практики, како и за да дискутираат за нивните практики и да разменат информации за следењето на обвинетите“, рече Суомалаинен.
Семинарот е поделен на неколку панел-дискусии, каде што државите-членки и партнерите за соработка на ОБСЕ коишто се сочуваат со предизвици во криминализацијата и следењето на терористичките акти, ќе ги разменат искуствата на нивните држави.
Панелистите ќе дискутираат и за законските рамки за попречување на користењето на интернетот за терористички цели, како и за изградба на една мрежа меѓу националните судски официјални претставници за соработка на регионално и на меѓународно ниво за истражување на овие активности“.