Besar Ademi
21 Април 2017•Ажурирај: 22 Април 2017
КУМАНОВО (АА) - Групата активисти кои пред 116 дена го започнаа маршот од Берлин кон Алепо и кои досега имаат поминато повеќе од 1.500 километри низ Европа, утрово пристигнаа на северната граница на Македонија, во близина на градот Куманово, каде што беа пречекани од страна на невладини хуманитарни организации кои им доделија пакети со храна, исто како на бегалците кои поминуваа низ територијата на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
„Граѓанскиот марш за Алепо“, кој беше заснован во 2016 година, како меѓународно движење за солидарност, оди во спротивна насока од патот по којшто бегалците пристигнуваат во Европа. Преку овој марш, учесниците апелират да им се стави крај на бомбардирањата во кои гинат илјадници цивили во Сирија и, исто така, да им се помогне на сириските граѓани кои ја напуштија својата земја поради оружениот конфликт.
Полската новинарка Ана Албот, која е една од иницијаторите на идејата, за Аnadolu Аgency (AA) рече дека во Македонија ќе останат околу десет дена. Таа додаде дека во моментов, групата на маршот е составена од околу 30 луѓе, но истакна дека илјадници други им се приклучија на кратки дестинации.
„Мислев дека треба да се направи нешто, а не да останеме пасивни дома. Решив на овој начин да му помогнам на сирискиот народ. Не треба да ги оставиме сами луѓето кои имаат потреба. Сирискиот народ немаше среќа да се роди во безбедна и тивка земја како мене. Мислам дека тоа не е фер и сакам да им покажам на луѓето дека јас сум со нив“, рече Албот.
Во групата активисти на „Граѓанскиот марш за Алепо“ исто така е присутна и 76-годишната Елија, која истакна дека она што се случува во Сирија е страшно и дека секој треба да направи нешто за да му помогне на сирискиот народ.
„Јас сум родена за време на Втората светска војна, а татко ми почина во Полска. Мислам дека дефинитивно треба да се направи нешто за мирот. Ова што се случува во Сирија е страшно и мора да се спречи“, изјави Елија за АА.
Маршот од територијата на Република Македонија ќе замине на 30. овој месец, за да продолжи понатаму кон Грција. За време на престојот во Македонија, учесниците на маршот ќе организираат различни активности насочени кон подигање на свеста кај јавноста за состојбата на сирискиот народ.
Маршот започна на 26. декември минатата година, во Берлин, и оттогаш помина низ Германија, Чешка, Австрија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија. Маршот во Сирија се очекува да пристигне кон крајот на летото 2017 година.