Admir Fazlagic
12 Јули 2018•Ажурирај: 12 Јули 2018
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, денеска, од Самитот на НАТО во Брисел, даде кратка изјава пред почетокот на работната програма во која изјави дека НАТО одлучи на Македонија да ѝ биде врачена поканата да стане 30-та членка на Алијансата, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Почитувани граѓани на Република Македонија. Од денеска, Македонија оди само напред, а граѓаните нижат уште еден голем успех. Честитам, Македонија! НАТО одлучи да ни биде врачена поканата да станеме 30-та членка на Алијансата. Ја добивме поканата да станеме сојузник на најсилните земји членки во светот“, изјави Заев.
Тој истакна дека „ова е покана за полноправно членство во водечкиот Сојуз, за мир и безбедност на меѓународната сцена.“
Исто така, премиерот Заев ги повика граѓаните, в сабота, на 14 јули, на заедничка прослава низ градовите во Македонија.
„Владата подготвува прослави во 15 градови, во кои со домашна музика ќе си честитаме, затоа што одиме напред и затоа што Македонија влегува во НАТО и чекори кон Европската Унија“, порача Заев.
Од Владата на Република Македонија, вчера, преку соопштение информираа дека Агендата на годинашниот Самит на шефови на држави и влади на НАТО во Брисел денеска предвидува прес-конфереција на генералниот секретар Јенс Столтенберг, и церемонија на врачување на поканата за започнување на пристапните преговори за членство во НАТО на Република Македонија.