Bekim Laci
05 Април 2019•Ажурирај: 06 Април 2019
СКОПЈЕ (AA) - „Република Северна Македонија научи многу од големиот прилив на мигранти на своите граници и како резултат на тоа, научените лекции брзо ги преточи во законски и подзаконски решенија, изготви соодветни акциски планови за справување во слични ситуации во иднина и веќе го споделува искуството со земјите од регионот“, рече министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски, на брифингот со дипломатите за активностите на Регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграција – МАРРИ, јавува Anadolu Agency (AA).
Во своето обраќање, Спасовски рече дека миграцијата е феномен што е воден од потрагата по подобри услови за живот, од големите природни катастрофи, а најчеста причина за големите мигрантски бранови се вооружените конфликти.
Според него, земјата и регионот за релативно кратко време се соочија со голем прилив на мигранти на своите граници, a научените лекции брзо биле преточени во законски и подзаконски решенија, биле изготвени соодветни акциски планови за справување во слични ситуации во иднина, а сега веќе искуствата се споделуваат во рамки на МАРРИ-учесниците, но и пошироко.
Меѓу другото, министерот Спасовски говореше и за соработката на земјата со Република Србија за формирање на единица за борба против трговијата со мигранти и трговијата со луѓе, што резултираше со работна група во рамките на МВР на Северна Македонија заедно со тимовите за идентификација на загрозени лица и жртви на трговија со луѓе.
„Миграцијата, сама по себе, особено онаа која вклучува ненадеен и огромен прилив на мигранти повлекува земање предвид на уште неколку други феномени. Тоа се, пред сè кривични дела од областа на трговијата со луѓе и криумчарење мигранти, кои треба да ги спречиме или откриеме. Но тоа се и ситуации кои понекогаш налагаат пружање медицинска помош, обезбедување соодветна заштита и интеграција. Во насока на справување со сите овие предизвици и обврски, првенствено е потребен координиран настап на сите засегнати државни институции, но и заедничко регионално дејствување токму во обезбедувањето на тој координиран пристап“, потенцираше министерот Спасовски.
Јасмин Гагула од Амбасадата на Босна и Херцеговина во Скопје, во моментот претседавач со иницијативата МАРРИ, во своето обраќање на брифингот зборуваше за достигнувањата за време на босанско-херцеговското претседавање со оваа иницијатива, информирајќи дека Канцеларијата на ИОМ веќе воспоставила регионална платформа за размена на податоци за мигрантите во Западен Балкан, а од јануари 2020 година, земјите членки на МАРРИ исто така ќе можат да разменуваат официјални податоци за мигрантите.
Со предавања за предизвиците и достигнувањата на МАРРИ во текот на работењето во изминатите 15 години зборуваа директорот на Регионалниот иницијативен центар, Сашо Коцев, и поранешниот директор Томас Бират.
Регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграција – МАРРИ е основана во 2003 година, во рамките на Пактот за стабилност на Југоисточна Европа, а официјално е отворена на 5 април 2004 година на Министерската конференција одржана во Херцег Нови.
МАРРИ е составена од седум земји членки: Северна Македонија, Албанија, Косово, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Хрватска.