Husamedin Gina
04 Април 2019•Ажурирај: 05 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) – Министерката за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска, денеска во Скопје ја отвори музејската изложба „70 години од основањето на НАТО и Република Северна Македонија, 30. членка на Алијансата“, каде што беше промовирана и јубилејна поштенска марка по повод јубилејот на НАТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерката Шекеринска на отворањето на музејската изложба истакна дека 4 април, годишнината на НАТО, го одбележуваат бидејќи веруваат во уште помирно, побезбедно и попросперитетно утре за сите.
„Денес е подобро. Денес е поинаку. Денес овој ден е и наш ден како земја поканета да стане членка на НАТО Алијансата. Денес сме горди затоа што и нашата татковина седи на масата на Алијансата, заедно со сите сојузници. Очекуваме дека во брзо време ќе има можност и да носи одлуки кои ќе влијаат на глобалната сигурност, глобалната безбедност и мирот во светот“, истакна Шекеринска.
На изложбата, по повод 70. годишнина на НАТО, за првпат во јавноста беа претставени оригиналните документи од потпишувањето на Договорот за пријателство со Бугарија, Договорот од Преспа, поканата за почеток на пристапните преговори и Пристапниот протокол со НАТО и документите од првото учество на Северна Македонија на министерски состанок на Северноатлантската алијанса.
Во денешното обраќање Радмила Шеќеринска исто така посочи дека Северна Македонија ја следи традицијата на НАТО, воспоставена со издавањето на поштенски марки во 1952 година од страна на Португалија и САД и дека денеска официјално ја промовира поштенската марка издадена од нашата пошта по повод 70 години од основањето на НАТО.
Генералниот директор на Македонска пошта, Ејуп Рустеми, истакнувајќи дека НАТО е платформа за обединување на нациите и заедничките акции за подобра иднина, рече дека поштенските писма и пратки создаваат мостови и комуникација помеѓу луѓето и народите.
„Поштенската марка, 70 години од основањето на НАТО, ќе ја прати пораката во цел свет дека мирот и развојот се вредности за кои вреди да се бориме“, нагласи Рустеми.