Mehmet Yılmaz
02 Февруари 2019•Ажурирај: 03 Февруари 2019
БУДИМПЕШТА (АА) - Министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, изјави дека е неприфатливо Европската комисија да не сака нов бран на проширување на Западен Балкан до 2025 година, јавува Anadolu Agency.
Како што наведува Унгарската новинска агенција (MTI), Сијарто ја критикуваше политиката на Европската комисија која се однесува на членството на земјите на Западен Балкан во Европската Унија.
Тој истакна дека членството на земјите на тој регион во ЕУ било во интерес на Европа во смисла на економијата и безбедноста.
Нагласи и дека треба да се има предвид фактот дека на Западен Балкан постојат сериозни тензии, додавајќи дека земјите на овој регион со интегрирање во ЕУ би можеле да ја контролираат ситуацијата.
„Нема потреба да се чека шест години. Според наше мислење, Србија и Црна Гора можат да бидат членки на ЕУ многу побрзо. Тоа би било во интерес како на Унгарија, така и на цела ЕУ во поглед на економијата, но првенствено во поглед на безбедноста“, изјави Сијарто.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини и европскиот комесар за соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан, во февруари 2018 година во Европскиот парламент во Стразбур ја претставија Стратегијата на проширување на ЕУ на Западен Балкан.
Документот ги опфаќа Македонија, Србија, Црна Гора, БиХ, Албанија, БиХ и Косово. Предвидува и временски рамки за идното проширување, според кое Црна Гора и Србија, под услов да ги спроведат потребните реформи, во 2025 година би можеле да станат нови членки на Унијата.
„Стратегијата овозможува јасна перспектива за интеграцијата во ЕУ за секој од шесте партнери. Очигледно е дека тоа ќе биде процес заснован на заслугите кој е познат. Значи, потребата за реформи е јасна, така што граѓаните ќе можат да уживаат исти права, иста заштита и стандарди како и граѓаните на ЕУ. Знам дека многу се зборуваше за датумот - 2025 година. Нам ни е јасно дека тоа не е рок, туку една реална перспектива. Тогаш би можеле да го комплетираме процесот на пристап за оние кои во моментот се во преговори, но и за оние кои наскоро ќе започнат со преговори. Очекувам дека оние кои не ги започнале преговорите, тоа ќе го направат во наредните месеци“, изјави тогаш Могерини.