Mehmet Yılmaz
12 Јуни 2016•Ажурирај: 13 Јуни 2016
БУДИМПЕШТА (АА) – Портпаролот на Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите Нации, Ерно Симон, изјави дека информацијата за враќање на мигрантите од Унгарија е мошне загрижувачка, јавува Anadolu Agency (АА).
Во својата изјава за АА, Ерно вели дека, по поставувањето на бодликави мрежи околу границите на Унгарија, Србија и Хрватска, апликациите за азил од страна на мигрантите се одвиваат во мошне отежнати услови само во одредени поставени транзитни точки во пограничните зони.
„Во последните 3-4 месеци речиси 5 илјади лица се пријавиле за азил во транзитните зони. Оваа бројка не се однесува на оние кои ја преминале границата прескокнувајќи ја бодликавата мрежа. Нивниот број пак изнесува околу 15 илјади лица”, рече Ерно.
„Капацитетот за прием во транзитните зони за лицата баратели е мошне мал. Минатата година, при оформувањето на прифатните центри во месец септември, беше изјавено дека задолжените лица ќе бидат во можност да обработат дневно по стотина нови пријави, но денес сведоци сме дека се примаат само по 10-15 лица дневно. Во текот на денот, на границата пристигнуваат над стотина луѓе, поради тоа повеќето од нив без одредено решение се оставени на чекање во транзитната зона”, рече Ерно, истакнувајќи дека барателите на азил трпеливо и мирно чекаат пред границата во согласност со пропишаниот закон и правила од страна на унгарската Влада.
Ерно потенцираше дека сè уште не е пронајдено решение за состојбата и многу тешките услови, во кои се наоѓаат мигрантите.
„Мигрантите, на другата страна од унгарската граница, поставија шаторски камп со предметите кои ги собраа од околината. Таму пристигнуваат и многу семејства со деца и стари лица. Запознав едно семејство кое со своето шестмесечно бебе помина две ноќи под шаторот. Генерално, задолжените им даваат предност на семејствата со деца. Притоа, лицата кои доаѓаат сами се соочуваат со големи потешкотии. Има поединци кои се принудени да чекаат и по месец и половина”.
Потенцирајќи дека импровизираните чадори од мигрантите не се соодветни за престој на луѓе, Ерно наведува: „Во местото има само една чешма. Истата мигрантите ја користат за згаснување на жедта. Не постојат никакви услови за бањање и лична хигиена. До крајот на минатата недела немаше ниту тоалет. Илјадници лица беа приморани како тоалет да ги користат празните околни површини. Минатата недела, српските одговорни лица поставија три мобилни тоалети. Тамошната средина е во крајно загрижувачка состојба. Унгарските власти не пружија никаква помош во првиот месец и половина. Подоцна, започнаа да даваат само еден ладен оброк дневно. Вработените од ОН, вклучувајќи ги и разните невладини организации се оние кои се трудат да им помогнат на овдешните мигранти. Притоа, наидуваме на разни препреки од страна на властите поради фактот што се работи за погранична област. Ние како ОН, сме таму уште од самиот почеток, без разлика на сите забрани и препреки”.
Осврнувајќи се на тврдењата за фрлање на камења врз мигрантите од страна на унгарската полиција, што довело до смрт, Ерно додава: „Унгарската полиција се обиде да врати назад една група на бегалци од Сирија и Ирак, кои сакале со чамец да преминат од Србија кон Унгарија. Повеќето од членовите на групата, според раскажувањата на бегалците, паднале во реката. Некои од нив успеале да преминат до другата страна, но еден 22-годишен Сиријец притоа го загуби својот живот во реката Тиза. Неговото тело беше пронајдено минатиот петок. Унгарските и српските власти треба веднаш да го расветлат случајот. Како е можно некој мигрант кој се обидува да избега од услови на војна и да стигне до безбедносната врата на Европа, на ваков суров начин да го загуби својот живот. Ова е случај на неверојатна тага и загриженост”.
Ерно се надоврза на добиените информации во врска со притисокот кој се врши врз мигрантите кои се обидуваат да влезат во Унгарија од Србија.
„Во последно време, според информациите кои ги добиваме, многумина од мигрантите се спречени за влез во земјата и вратени се назад од страна на унгарските власти. Дополнително, постојат случаи на примена на сила врз мигрантите. Овој начин на однесување врз мигрантите го оценуваме како крајно заплашувачки и истовремено загрижувачки. Побаравме и да биде спроведена истрага за наводните тврдења од унгарска страна”.
Минатата година на српската и хрватската граница беа поставени заштитни мрежи од бодликава жица со цел запирање на протокот на бегалците насочени кон западна Европа, кои во најголема мера пристигнуваа од Унгарија. Потоа, во наведените региони беше прогласена вонредна состојба, при што беа воведени зголемени казни за илегалните преминувања на границите.
Унгарија, во склоп на заштитата на своите граници, поддржана од Вишеградската група (Чешка, Унгарија, Полска и Словачка), постави и војска и полициски кордони на границите.
Унгарските власти, поради состојбата на неизвесност на Балканските држави во рамките на бегалската криза, на 9ти март, зголемувајќи го мерките за безбедност во целата земја прогласи „ургентна состојба”.
Последна мерка спроведена од Унгарија во рамките на спречувањето на протокот на мигранти, беше поставувањето на жичена ограда на границата со Србија, во Келебиа на 3-ти април. Истото се додава како уште една потешкотија за мигрантите кои пеш се обидуваат да ги преминат реките и мочуриштата низ областите Бакс-Кискун и Цонград.