Mehmet Yılmaz
05 Мај 2016•Ажурирај: 06 Мај 2016
ПРАГА (АА) - Унгарскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Петер Сијарто, ја оцени вчерашната препорака на Европската комисија (ЕК) за измена на Даблинскиот договор како „уценувачкa“ и порача дека тој предлог не може да биде реализиран, јавува Anadolu Agency (AA).
Сијарто по средбата со претставниците на Вишеградската група (Полска, Чешка, Унгарија и Словачка) изјави дека е неприфатлив предлогот за одредување на квоти за бројот на бегалци, што ќе мора да ги прифати секоја земја-членка на Европската Унија.
„Унгарската влада никој не може да ја уценува. Одлуката кого ќе примиме во земјата не може да ја донесе Брисел, туку Унгарците“, порача Сијарто.
ЕК вчера на Европскиот парламент и на Советот на Европа упати предлог за измена на Даблинскиот договор, кој ги регулира прашањата поврзани со миграциите во ЕУ.
Предлогот се однесува на дефинирање на обврзувачки квоти за секоја членка на ЕУ за прием на одреден број мигранти, која би се утврдувала врз основа на бројот на жители и бруто националниот приход на членката.
Се предвидуваат и казни за секоја земја-членка која ќе одбие да ги прифати барањата на азилантите. Казната би изнесувала 250.000 евра по секое одбиено барање на азилант.