Bekim Laci
17 Септември 2018•Ажурирај: 18 Септември 2018
СКОПЈЕ (AA) - Еврокомесарот за проширување и соседска политика на ЕУ, Јоханес Хан, денеска во Скопје рече дека прашањето за слободата на изразување за ЕУ е фундаментално прашање за кое ЕУ, почнувајќи од преговорите со Србија, воведе нова методологија со која се одвиваат преговорите за поглавјата на слободата на изразувањето, јавува Anadolu Agency (AA).
Еврокомесарот Хан се обрати на отворањето на конференцијата „Денови на медиумите ЕУ-Западен Балкан“ во организација на Европската комисија во Скопје. Тој рече дека прашањата поврзани со слободата на медиумите се вклучени во поглавјата 23 и 24, за кои земјите од Западен Балкан ќе можат да преговараат.
„Затоа преферирам да го посочам тоа како процес во земјата, наместо да го нарекувам преговори, бидејќи ако тоа се преговори тогаш тоа значи да поминувате низ поглавјата дека постои закон, но прашањето се однесува на спроведувањето на законот и неговата одржливост“, рече Хан во разговорот со учесниците на конференцијата.
Значаен дел од панелот беше прашањето за таканаречените „лажни вести“, за кои македонскиот премиер, Зоран Заев, рече дека имаат големо влијание врз стабилноста на Балканот и додаде дека во одредени случаи овие вести го поттикнуваат екстремизмот и радикализмот.
„Севкупната борба против лажните вести останува овде и Владата се труди во соработка со професионалните здруженија и медиумските работници тоа да го направи. Реков дека сум приврзаник на саморегулацијата поради тоа што навистина новинарите знаат најдобро како да го направат тоа, а ние како политичари и влади сме овде само да го поддржиме на начин и избор којшто тие мислат дека се добри. Афирмирам наша поддршка кон Здружението на новинари на Македонија, Советот за етика и сето тоа што го развиваат како нивни политики овде во Македонија, за да се спротивстават на лажните вести, но и на сите овие девијантни појави коишто знаат да се случат во медиумската сфера“, рече Заев.
Одговарајќи на новинарски прашања на конференцијата посветена на слободата на медиумите во регионот, Заев одговори дека нема докази за руско влијание во Македонија во пресрет на претстојниот референдум, додавајќи дека доколку има докази за такво нешто, ќе биде споделено со јавноста.