Furkan Abdula
21 Декември 2018•Ажурирај: 22 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) – Д-р Халук Дурсун, заменик-министерот за култура и туризам на Турција, се наоѓа во посета во Македонија, по повод 21 Декември - Денот на наставата на турски јазик, а во Скопје се сретна со претставниците на медиумите, јавува Anadolu Agency (AA).
Чигдем Гулу, советничка за култура и туризам во Турската амбасада во Скопје, во чест на заменик-министерот Дурсун приреди доручек за медиумите, каде што се разговараше околу прашањата за културните врски помеѓу балканските земји и Турција.
Заменик-министерот Дурсун, нагласувајќи дека ова географско подрачје се наоѓа во нивните срца, истакна дека тука се за да помагаат од срце. Според неговите зборови, Скопје е значајно место во однос на културната историја.
Тој рече дека институциите како што се Претседателството на Турците во странство и сродните заедници, Институтот „Јунус Емре“, ТИКА и Институцијата за турски јазик веќе се под покровителство на Министерството за култура и туризам и додаде: „Заедно со „Јунус Емре“, со ТИКА, со фондациите, Министерството за култура и туризам навистина се стреми да служи на културниот простор, и е подготвено да стори сè што може за тој културен простор“.
Дурсун, исто така, истакна дека тука се за да ги зајакнат своите културни врски со своите браќа што живеат тука, а истовремено да им се исполнат потребите од аспект на културата.
„Имаме културен простор од Кастамонскиот Куршумли ан, до Куршумли анот во Скопје. Имаме наследство од архитектурата, и ние сме одговорни за неговото следење, конзервација, реставрација и негово пренесување на следните генерации“, нагласи Дурсун.
„И Скопје е една од нашите културни престолнини“, рече Дурсун, додавајќи дека овие простори имаат многу убави и разноврсни градови, како што се Битола, Охрид, Тетово, Ресен, Дебар, Припел и Куманово.
„Ние сме свесни и имаме разбирање за културните вредности, за мирот и безбедноста, во иднината гледаме со доверба, и со гордост ја споменуваме нашата историја. Ние сме тука за зајакнување на уметноста на заедничкото живеење и да придонесеме кон тоа“, рече Дурсун.
Наведувајќи дека Институцијата за турски јазик (ТДК) е заинтересирана за турскиот јазик, Дурсун рече:
„И да не постоеше ТДК, за Скопје слушавме од поетот Јахја Кемал, од неговото искуство и од неговите стихови. Зборовите „Скопје, преку Шар Планина, е продолжеток на Бурса“ ги споменуваме секогаш, ни станаа навика.“
„Вардар е река која тече низ нашите срца, исто како и реката Дунав. Се надевам дека турскиот јазик ќе продолжи да тече овде како реката Вардар“, рече Дурсун и нагласи дека Јахја Кемал е личност којашто прва го основала културниот мост.
„Денес ќе славиме еден празник. Денот на наставата на турски јазик - 21 Декември. Празникот ќе го славиме заедно со вас. Заедно со нашите пријатели и браќа што живеат тука. Ќе славиме во хармонија заедно со овдешната Влада. Празниците се радосни моменти. И јас со радост сум тука“, нагласи Дурсун.