САРАЕВО (АА) - Договорот за слобода на движење со лични карти на Западен Балкан ќе стапи на сила откако ќе помине процедурата за ратификација во државните парламенти на сите шест земји од регионот, што треба да се случи во 2023 година, истакна во разговор со Агенција Анадолија (AA) генералната секретарка на Советот за регионална соработка (РСС), Мајлинда Брегу.
Министрите за надворешни работи на Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија на 21 октомври усогласија три договори за мобилноста што во рамките на Берлинскиот процес ја координира Советот за регионална соработка, меѓу кои и главниот договор за движење со лична карта.
Се очекува трите договори, за слободата на движење со лична карта, за признавање на стручните квалификации на докторите по медицина, докторите по дентална медицина и архитектите – да бидат потпишани на самитот на шефови на држави и влади во рамките на Берлинскиот процес на 3 ноември во германската престолнина.
На усогласувањето на верзијата на документите му претходеа речиси двегодишни интензивни преговори, а како што е најавено, со овој договор се руши и последниот преостанат „визен ѕид“ во регионот.
„Ѕидот е поделба, што е спротивно на соработката. Рушењето на последниот ѕид од визниот режим на Западен Балкан значи многу за граѓаните. Затоа што укинувањето на визите со себе носи предности, и тоа најмногу на две нивоа. Првенствено значи подобра економска и политичка соработка и ги подобрува контактите меѓу луѓето“, изјави Брегу.
Еден од договорите што треба да се потпишат вклучува договор за слободно движење со лични карти и укинување на постоечкиот визен режим меѓу Босна и Херцеговина и Косово.
Освен Србија, Босна и Херцеговина е единствената земја во регионот која не ја признава независноста на Косово и единствената земја во регионот која има визен режим со Косово. Во 2014 година, Косово воведе реципрочни мерки за визен режим за Босна и Херцеговина, откако Босна и Херцеговина не ги укина визите за граѓаните на Косово. Тие мерки им создадоа големи проблеми на граѓаните на двете земји и го оневозможија слободното движење.
- Три чекори до имплементација -
Брегу истакна дека иако процедурата за ратификација на меѓународните договори во Босна и Херцеговина е посложена во однос на другите држави, во Сараево не очекува проблеми.
„Значи, реално е договорот да почне со имплементација следната година. Ќе помине низ процедура за ратификација во сите шест земји во регионот и неговата примена ќе започне по 30 дена откако сите земји од Западен Балкан ќе достават писмо за ратификација или прифаќање до депозитарот на овие договори, а тоа ќе биде Северна Македонија“, истакна Брегу и појасни:
„Првиот чекор е ратификација на национално ниво во сите земји од регионот во согласност со националната законска процедура. Вториот чекор е стапување во сила на договорот по еден месец откако земјата ќе го достави официјалното известување за ратификација до Северна Македонија. Третиот чекор ќе биде тој што земјите ќе треба да разменат примероци од личните карти, а тоа мора да се случи најдоцна по 30 дена откако овој договор ќе биде потпишан од сите, а потоа испратен преку депозитарот на договорот.“
- Признавање на дипломите и стручните квалификации -
Освен договорот за слобода на движењето, лидерите на 3 ноември ќе потпишат и договор за признавање на високообразовните квалификации и признавање на стручните квалификации на лекарите, стоматолозите и архитектите.
Според мислењето на Брегу, овие договори се исклучително важни поради фактот што младите сочинуваат 20 отсто од вкупната популација во регионот.
„Земете предвид дека Западен Балкан е регион кој бележи јасен демографски пад. Тоа се случува насекаде, искрено, но нас тоа нè загрижува. Едно од прашањата на кои ние во Советот работиме многу напорно е да им пружиме шанса на младите да останат во регионот. Над 69 отсто од младите во регионот би сакале да ги напуштат своите земји и да најдат работа на друго место. Овие договори се тесно поврзани со младите луѓе. Дури 33 отсто од младите во регионот се невработени“, рече Брегу.
Истакна дека во текот на 2021 година се поднесени 8.000 барања за признавање на академските квалификации. За да им се признаат дипломите во другите држави од регионот каде што бараат работа, младите мора да одвојат од 300 до 500 евра.
„И повторно, процесот на признавање ќе потрае неколку месеци. Што ќе им донесат овие договори? Нема да плаќаат ништо, а за младите тоа значи многу бидејќи сите процедури ќе можат да ги завршат во рок од само 40 дена“, истакна Брегу.
- Намалување на трошоците за роаминг -
Говорејќи за идните ангажмани, генералната секретарка на Советот за регионална соработка истакна дека во моментов најголеми напори вложуваат за намалување на трошоците за роаминг за граѓаните од Западен Балкан при патувањата во земјите членки на Европската Унија, што би можело да се случи во 2023 година.
„Мислам дека тоа, по договорот за бесплатен роаминг на Западен Балкан, ќе биде голем чекор, кој многу зборува за поврзаноста. Ова не важи само за граѓаните од земјите од Западен Балкан кои патуваат во земјите на ЕУ, туку и за граѓаните на ЕУ кои патуваат во регионот. Нема логика, зошто да плаќаме четири пати повеќе отколку што плаќаат граѓаните на ЕУ при патување меѓу земјите членки на Блокот“, рече Брегу.
Додавајќи дека Советот ќе продолжи внимателно да ги следи и да обезбеди имплементација на овие три договори, Брегу рече дека во иднина планираат да постигнат договор за признавање на стручните квалификации на медицинските сестри, акушерките, фармацевтите и ветеринарните хирурзи.
Генералната секретарка на Советот за регионална соработка исто така смета дека поради неизвесната зима е исклучително тешко да се спроведат целите на Зелената агенда за Западен Балкан, која е создадена во стабилни времиња.
„Ќе биде доста тешко да се исполнат барањата и целите на Зелената агенда. Домовите во Западен Балкан во текот на зимата ќе се загреваат со јаглен. Енергетските скокови се толку големи“, рече Брегу.
news_share_descriptionsubscription_contact
