КУМАНОВО (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со неговиот бугарски колега, Галаб Донев, со министрите и претставниците на двете влади и со претставниците на меѓународната заедница, учествуваа во почетокот на изградбата на источниот дел од пругата на „Коридор 8“, секција Куманово – Бељаковце – Крива Паланка, јавува Агенција Анадолија (АА).
Работите што започнаа овој месец на источниот крај на овој коридор се очекува да завршат до крајот на 2025 година. Тие вклучуваат тунели во должина од 5,5 километри, како и железнички мостови, надвозници, подвозници, станици, железнички постојки и систем за сигнализација и за телекомуникација.
Првата фаза од коридорот, од Куманово до Бељаковце, ќе ја гради австриската компанија „Штрабак“, додека втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка ќе ја гради турската компанија „Ѓулермарк“.
На свеченоста за отпочнување на работите за источниот крај на коридорот, премиерот Ковачевски рече дека географски Северна Македонија е раскрсница и клучна точка за поврзување со Европа, но и со Јадранското и Црното Море. Со капиталните проекти како „Коридорот 8“, според Ковачевски, земјата станува вистинска раскрсница на Балканот, отворајќи простор за раст, развој и напредок во повеќе области.
„Оваа инвестиција на Северна Македонија ѝ отвора нови европски рути за железнички превоз, воспоставува регионално поврзување со пристаништата во Бургас и Варна во Бугарија и Драч во Албанија, што е од исклучителна важност за нашата економија, но и генерално за соработката на регионот во целина, како и соработката на регионот со другите региони во Европа“, рече Ковачевски.
Според него, оваа економска и енергетска криза со која се соочуваат, јасно покажа колку е важна соработката, регионалната поврзаност и добрососедството. Тој изрази уверување дека оваа пруга, покрај забрзаниот економски развој на земјата и регионот, ќе придонесе и за подобрување на поврзаноста и регионалната соработка.
Од друга страна, бугарскиот премиер рече дека оваа пруга е важна за Бугарија колку што е важна за Северна Македонија и Албанија, бидејќи, како што рече, несомнено ќе придонесе за додадена вредност за развојот на целиот регион.
„Прашањето за изградбата на „Коридорот 8“ е приоритет и за Република Бугарија и за сите други страни на коридорската траса. Последиците од војната во Украина ги открија негативните случувања во нашиот регион, вклучително и нашата неразвиена инфраструктура. Условите на енергетската криза ја прават неопходна изградбата на патишта, а поради непостоењето на енергетско-поврзувачка железничка инфраструктура, нашите земји се принудени да бараат други алтернативи за снабдување кои минуваат низ трите земји“, рече Донев.
Првиот вицепремиер на Северна Македонија, Артан Груби, рече дека „Коридорот 8“, односно патниот и железничкиот сообраќај се една од најголемите инфраструктурни инвестиции од постоењето на Северна Македонија. Тој додаде дека следните години ќе бидат исполнети со инфраструктурни проекти кои ќе го подобрат квалитетот на животот на луѓето и ќе придонесат за развој на економијата на земјата.
Амбасадорот на Европската Унија во Скопје, Дејвид Гир, во својот говор пред присутните рече дека е јасно оти железницата е повторно на сцена, и дека таа е повторно најодржлива, најзелена и најпросперитетна иднина“.
„ЕУ е горда што ја поддржува оваа навистина стратешка иницијатива, која ќе помогне да се промовира регионалната трговија, да се намали времето на патување и да се поттикне одржливиот економски раст, што ќе донесе огромни придобивки за локалните граѓани и тоа практично ќе им помогне на нашите напори за добрососедски односи“, нагласи тој.
- Коридор 8 -
Транснационалната транспортна оска Исток - Запад, односно „Коридор 8“, се протега од пристаништето на италијанскиот град Бари до пристаништата на бугарските градови Варна и Бургас. Централниот дел на овој паневропски коридор во должина од 315 километри минува низ Северна Македонија и тоа низ Кичево, Скопје, Куманово, Бељаковце и Крива Паланка.
Сепак, врските недостигаат во западниот крај од Кичево до границата со Албанија, како и во источниот крај од Куманово до границата со Бугарија, каде што започнаа работите на оваа железничка делница, која опфаќа близу 88 километри во должина, од кои 34 километри, односно делницата Бељаковце - Крива Паланка, е финансирана од Европската Унија (ЕУ) преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
Доделен е грант од 75 милиони евра од инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан (WBIF) на европскиот Блок, дополнет со 1 милион евра национален придонес, со цел оваа железничка делница да се доближи до современите стандарди. Дополнителен грант финансиран од ЕУ од 210 милиони евра е во план за развој на источниот крај до границата со Бугарија.
Што се однесува до третиот дел, од Крива Паланка до границата со Бугарија, надлежните од земјава велат дека подготовката на тендерската документација е во завршна фаза и изборот треба да заврши до крајот на следната година.