Husameddin Gina
31 Октомври 2018•Ажурирај: 01 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) – „Идниот просперитет на регионот ќе зависи од способноста на овој регион да има човечки капитал на светско ниво", порача потпретседателот на Светска банка за Европа и Централна Азија, Сирил Мулер, на конференцијата за „Поттикнување на економскиот раст преку вложување во човечки капитал“ во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
Мулер истакна дека е битно да се инвестира во децата уште од претшколска возраст. Затоа земјите во регионот треба да работат на подобрување на опфатот на деца во претшколското образование.
„Идниот просперитет на регионот ќе зависи од способноста на овој регион да има човечки капитал на светско ниво. Притоа, ние цврсто веруваме дека образованото здраво население е од суштинско значење за намалување на сиромаштијата и постигнување на одржлив економски развој и просперитет“, изјави Сирил Мулер.
Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, на 25-годишниот јубилеј од соработката со Светска банка рече дека образованието мора да се реформира и да обезбеди достоинствени услови за живот на оние деца кои го немаат.
„Мораме да ги заштитиме децата. Тие се нашиот влог и капитал на иднината. Мора да им обезбедиме достоинствени услови за живот на оние кои ги немаат и да им овозможиме еднакви стартни основи за успех во животот“, рече Заев.
Денеска започна реализацијата на проект во вредност од 30 милиони евра од Светска банка за унапредување на човечкиот капитал.
Станува збор за проектот за подобрување на социјалните услуги, кој ќе поддржи поголем опфат на деца во градинките, како и подобри социјални услуги во Македонија.
Покрај проектот за подобрување на социјалните услуги со новата стратегија за соработка со Светска банка на Македонија, се предвидуваат и проекти за примарна здравствена заштита, за јакнење на вештините, претприемништвото и друго.
На конференцијата присуствуваше гувернерот на Народна банка, министри од земјата и регионот, како и високи претставници од Светска банка.