Admir Fazlagic
23 Април 2017•Ажурирај: 24 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Со различни активности ширум земјата се одбележува 23 Април - Светскиот ден на книгата и авторското право, а настанот кој по тој повод привлекува внимание кај јавноста е одбележувањето на овој ден во библиотеката „Ал-Би“ во Бабино, во Демирхисарско, каде според организаторите, денеска прв пат во едно село во светот ќе биде одбележан Светскиот ден на книгата, јавува Anadolu Agency (AA).
Организаторите најавија дека учениците од основните училишта „Гоце Делчев“ од Демир Хисар и „Браќа Миладиновци“ од село Жван симболично, преку 23 златни мисли и изреки за книгата ќе упатат порака за универзалната грижа кон книгата и продолжување на нејзината мисија како инструмент на знаењето и нејзината непобедливост пред електронската ера како медиум што ја собира меморијата на човештвото.
Одбележувањето е финансиски потпомогнато од Министерството за култура и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, а се очекува специјална порака да испрати и Ирина Бокова од УНЕСКО.
- Во Македонија има двојно повеќе книги во библиотеките отколку што има жители
Според податоците на Државниот завод за статистика од 2015 година, во Македонија има вкупно 174 библиотеки, од кои најголема е Националната универзитетска библиотека (НУБ) „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Во неа има нешто повеќе од еден милион различни наслови на книги, во повеќе од 1.100.000 примероци. Според статистичките податоци, во библиотеките има 154.903 активни членови, но оваа бројка постојано се менува, бидејќи секојдневно се запишуваат или пак се отпишуваат членови.
Сите блиблиотеки во Македонија не нудат простор и за читање, а тоа значи дека во некои од нив може само да се изнајмат книги, но не и таму да се читаат. Севкупно, според податоците од август 2015 година, во земјава има 3.537 места во библиотеките.
Исто така, претходно во македонските електронски медиуми, беше објавено дека во Македонија има двојно повеќе книги отколку што земјата има читатели. Според објавеното, во македонските библиотеки има огромен број различни наслови на книги, односно 2.787.012, а севкупниот број на книги е дури 5.524.822.