Fatjon Cuka
29 Јули 2019•Ажурирај: 30 Јули 2019
ТИРАНА
Промената на власта во Грција го доведе во фокусот на вниманието на јавноста во земјите од регионот прашањето околу можниот пристап на новата Грчка влада со земјите од регионот.
Поранешниот министер за надворешни работи на Албанија, Паскал Миљо, смета дека Преспанскиот договор е многу вреден и добитен не само за Северна Македонија и Грција, туку и за целиот регион. Во изјава за Anadolu Agency (AA), тој е скептичен дека Владата предводена од Мицотакис ќе му се спротивстави на овој договор.
„Тоа е еден договор којшто добро е пречекан во Европа, но и пошироко, договор кој е оценет како фактор на стабилност во Балканот. Затоа јас мислам дека новата Влада на Мицотакис, без оглед на изјавите што ги дал во време кога беше во опозиција, нема да оди против општото позитивно мислење околу овој договор, туку ќе се обиде да ги унапреди понатаму односите меѓу Северна Македонија и Грција“, вели Миљо.
И универзитетскиот професор Ксенофон Крисаф, кој е дел од албанската делегација во преговорите со Грција, за Преспанскиот договор вели дека е важно достигнување затоа што според него, елиминира едно старо жариште во регион каде што има нерешени проблеми. Тој смета дека овој проблем може да се смета за решен.
„Нема ниту еден интерес Грција да му се врати на прашање кое се реши со волјата на одредено политичко мнозинство. Дури и од правна гледна точка, ако сакаме да му се навратиме на ова прашање ќе треба да се преземат такви акции кои ќе бидат тешко надминливи за да се навратиме на оваа историја“, рече тој.
Зборувајќи за изјавите на актуелниот грчки премиер кога тој беше во опозиција, во однос на Преспанскиот договор, Крисафи ги смета за изборни изјави кои според него, некогаш се прават за одредени изборни цели и „не се сфаќаат сериозно ниту од тие што ги изјавуваат ниту од тие што ги слушаат“.
„Јас би сакал овие два соседни народа да го сметаат ова прашање за затворено и да не се навраќаат за да отвораат други проблеми“, изјавува тој.
Експертите зборуваат и за преговорите меѓу Албанија и Грција, при што велат дека се тешки и дека не зависат многу од тоа која политичка партија е на власт, било во Албанија или во Грција.
Потсетуваме дека во април 2018 година Албанија и Грција официјално ги започнаа преговорите за отворените прашања меѓу двете земји. Оттогаш се одржаа неколку рунди преговори, фокусирајќи се на постигнување договор за ограничување на поморските области, но и за други прашања.