Abdula Berisha
29 Јули 2019•Ажурирај: 30 Јули 2019
СКОПЈЕ
Во Владата на Република Северна Македонија денес се одржа трибина на тема „Национална платформа за намалување ризици од несреќи и катастрофи“, јавува Anadolu Agency (AA).
На трибината беа присутни вицепремиерот и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, националниот координатор за имплементација на Националната платформа за намалување ризици од несреќи и катастрофи, Павле Трајанов, како и претставници на соодветните институции, експерти и универзитетски професори.
Спасовски рече дека нивото на одговорност на едно општество се манифестира во неговата подготвеност да ги предвиди и да е спремно за сите видови ризици.
„За нас, и како Влада и како државни институции, од есенцијална важност е изработката на националната платформа да се одвива преку максимална инклузивност, односно процесот во којшто треба да биде вклучена јавноста, особено експертите, стручните луѓе од областа и важни за различни подрачја опфатени во националната платформа“, рече Спасовски, додавајќи дека токму тоа е целта на организирање на трибината.
Трајанов во неговото излагање рече дека Националната платформа за намалување ризици од несреќи и катастрофи е документ кој на систематски начин ги поттикнува и истовремено ги обврзува релевантните институции да дејствуваат на организиран и ефикасен начин.
„Градиме систем каде што превенцијата и раното предупредување се клучни и во таа насока е битно за можна катастрофа навремено да бидат информирани главните носители на системот за кризи, но и за граѓаните“, рече Трајанов.
Тој додаде дека во оваа насока, од исклучително значење е спроведување на проектот за еден единствен телефонски број (112), на којшто граѓаните ќе можат да се обратат било за полициска или здравствена интервенција, или ако сакаат да пријават каков било ризик.
Во текот на трибината беше речено дека во минатите години, Северна Македонија се соочила со катастрофи како поплавите во скопската населба Ченто во 2016 година, или земјотресите што ги погодија Скопје и Охрид, при што институциите имаа можност да ги видат позитивните работи, но и недостатоците во нивното функционирање.