Abdula Berisha,Fatjon Cuka,Zülfiya Yakup
28 Јули 2019•Ажурирај: 29 Јули 2019
СКОПЈЕ/ТИРАНА/ПРИШТИНА (АА) - Како и во другите земји низ светот, и во земјите од регионот муслиманските верници го искажуваат својот интерес за патување во исламските свети места. Стотици аџии од Северна Македонија, Албанија и Косово во текот на следната недела, поделени во групи, ќе заминат на аџилак за да извршат еден од петте услови на исламската религија.
Според податоците на Anadolu Agency (АА) обезбедени од верските институции во овие три земји во регионот, најголем број муслимански верници, кои ќе патуваат за светите места, се од Косово, каде што се регистрирани 1.080 верници, а потоа следуваат Северна Македонија со 850 верници и Албанија со 370 верници.
- Петгодишниот, најмлад патник, од Северна Македонија до светите места
Според планираното, верниците од Северна Македонија, организирани во пет групи, на аџилак од аеродромот во Скопје ќе заминат на 30 и 31 јули, а враќањето на аџиите е организирано за 25, 26 и 27 август.
Според податоците на Исламската верска заедница (ИВЗ) на Северна Македонија, оваа година се регистрирани 850 аџии, меѓу кои и водечки и медицински персонал составен од 40 лица. Најмладата личност што ќе патува за светите места оваа година е едно петгодишно дете, додека најстариот има 82 години.
Цената за извршување на аџилакот оваа година изнесува 4.400 евра, што претставува зголемување од 300 евра во споредба со минатата година, кога изнесуваше 4.100 евра. И покрај тоа, бројот на аџиите се зголемува, со тоа што минатата година имаше вкупно 669 аџии, меѓу кои и водечки и медицински персонал, а оваа година 850 аџии.
Шефот на Кабинетот на поглаварот на ИВЗ, Муземил Османи, за АА изјави дека се спроведени сите подготовки за патувањето на аџилак, а во меѓувреме продолжува вакцинацијата на верниците.
Зборувајќи за условите за сместување, Османи вели дека во градот Мека верниците ќе бидат сместени во хотел оддалечен околу 1,5 километри од Каба. Тој објаснува дека таму верниците ќе имаат бесплатен превоз, шаторите во Арафат ќе бидат опремени со климатизери, додека верниците од Медина ќе бидат сместени во хотел во близина на „Џамијата на пророкот“.
- Од Албанија ќе патуваат 370 верници за светите места
И верниците од Албанија, исто така, ги завршија подготовките за патувањето во светите места за да го извршат аџилакот. Оваа година има 370 муслимански верници од Албанија, кои се очекува да заминат на аџилак заедно со десетици верници од Црна Гора на 31 јули и 1 август.
Вкупната цена за извршување на аџилакот за муслиманските верници од Албанија за 2019 година изнесува 3.700 евра, што претставува зголемување од 200 евра, бидејќи тарифата за аџилак за 2018 година изнесуваше 3.500 евра.
Потсетуваме дека минатата година имаше околу 460 муслимански верници од Албанија, кои патуваа во светите места за да се приклучат на милиони верници од целиот свет, за да го извршат аџилакот.
- Од Косово во светите места ќе заминат 1.080 верници
Според податоците обезбедени од Исламската верска заедница на Косово, оваа година на аџилак од Косово ќе патуваат 1.080 аџии, од кои 370 се жени.
Од косовското ИВЗ за АА потврдуваат дека првата група аџии ќе тргне од Приштина на 1 август, а другите групи ќе тргнат на 2 и 3 август.
Цената на аџилакот за исламските верници од Косово оваа година изнесува 4.150 евра.