Kemal Zorlak
05 Јуни 2026•Ажурирано: 05 Јуни 2026
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, изрази големо задоволство од завршувањето на својата посета на земјите од Западен Балкан, која ја заврши во Тиват, притоа нагласувајќи дека оваа генерација политичари и граѓани има историска шанса да ја воведе Црна Гора во полноправно членство во Европската Унија, јавува Анадолу.
Кошта се огласи на американската компанија за социјални медиуми Х потсетувајќи дека неговата посета доаѓа непосредно откако Црна Гора минатиот месец го прослави Денот на независноста.
„Црна Гора помина долг пат во последните дваесет години. Оваа генерација има историска шанса да ја воведе Црна Гора во семејството на Европската Унија“, порача високиот европскиот официјален претставник.
За време на престојот во Црна Гора, претседателот на Европскиот совет одржа состанок со црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, на кој во фокусот беше напредокот на земјата на европскиот пат.
„На состанокот со претседателот Јаков Милатовиќ оддадов признание за напорната работа на Владата на Црна Гора на започнувањето и спроведувањето на неопходните реформи за вклучување во Европската Унија“, наведе Кошта.
Тој истакна дека официјална Подгорица служи како јасен доказ и пример за другите земји аспиранти дека европските интеграции и политиката на проширување и понатаму се активни и достижни.
„Црна Гора покажува дека можноста за проширување на ЕУ е реална“, додаде претседателот на Европскиот совет.
На крајот од своето обраќање Кошта најави дека разговорите за европската перспектива и зајакнувањето на регионалната соработка ќе продолжат на претстојниот мултилатерален состанок на највисоко државно ниво.
„Се радувам на продолжувањето на овие дискусии со сите наши партнери од Западен Балкан на самитот што се одржува подоцна во текот на денот“, заклучи Коста.
Самитот на лидерите на Европската Унија и Западен Балкан се одржува на 4 и 5 јуни во црногорскиот град Тиват под слоганот „Заеднички просперитет и стабилност на ЕУ и Западен Балкан“, а главна тема на самитот ќе биде проширувањето на ЕУ.
Со самитот ќе претседава претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој оваа недела беше во посета на земјите во регионот.
Домаќин на самитот е претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, а ќе присуствуваат и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.
Како што објави Европската комисија, лидерите на земјите од Западен Балкан и ЕУ ќе разговараат за проширувањето и за Планот за раст. Се очекува ЕУ да ја повтори целосната и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западен Балкан.
Самитот е дел од спроведувањето на агендата на Европскиот совет за периодот 2024-2029 година.
Самитите на ЕУ и Западен Балкан се одржуваат од 2018 година, а последниот беше одржан во Брисел во декември 2025 година.
Црна Гора ангажираше околу 1.500 полицајци што се грижат за безбедноста на учесниците на самитот.