Zylfije Adem Jakupi
25 Октомври 2022•Ажурирај: 27 Октомври 2022
ПРИШТИНА (АА) - Во Приштина денеска се одржува Самитот за Западен Балкан 2022, на кој се разговара за последиците од руската инвазија на Украина и зголемувањето на цените кои го водат светот во повеќекратни кризи. Организатор на Самитот е „Економист“ во соработка со Кабинетот на премиерот на Косово, јавува Агенција Анадолија (АА).
Уредникот на Економист, Аласдеир Рос, рече дека моментално живееме во нестабилен и турбулентен свет и она низ што моментално поминува Европа е најголемиот предизвик од Втората светска војна.
Рос истакна дека Западен Балкан има клучна улога во промовирањето на мирот, соработката и единството. Според него, земјите од регионот ќе мора да ги решат регионалните конфликти и да ги олеснат реформите кои го намалуваат јазот со најразвиениот дел од Европа.
„Западен Балкан претставува значаен пазар со огромни потенцијални права за можности за инвестирање во транспортот, енергетиката, туризмот и другите сектори“, нагласи Рос.
На отворањето на Самитот, косовскиот премиер Аљбин Курти, говорејќи за постигнувањата на косовската Влада, ја спомена борбата против криминалот и корупцијата и посочи дека Косово ја подобрило својата позиција за 17 места во индексот за корупција објавен од „Транспаренси интернешнал“.
Курти истакна дека владеењето на правото е еден од најважните демократски елементи.
„Нашиот напредок во демократизацијата е еднаков на нашиот економски напредок. Минатата година ја завршивме со 10,7 отсто пораст на бруто-домашниот производ и 83,6 отсто пораст на извозот на прехранбени производи, пијалаци, технолошкиот сектор, кожа, текстил и дрво и метал. Странските директни инвестиции се зголемени за 47,6 отсто, а даночните приходи за 34 отсто, без промена на фискалната политика. Отворивме повеќе од 25.000 нови работни места и овогодинешниот буџет е најголем во историјата на нашата земја“, изјави тој.
Курти зборуваше и за случувањата околу руската агресија врз Украина, нагласувајќи дека Србија сѐ уште одбива да воведе санкции кон Русија. Тој оцени дека Русија, доколку е демократска земја, нема да ја нападне Украина, како што Србија, доколку е вистинска демократија, нема да претставува голема закана за мирот во нашиот регион.
Поранешниот претседател на Европскиот парламент, Мартин Шулц, во својот говор рече дека во овие моменти, кога геополитичката ситуација во светот се промени по војната во Украина, Европската Унија е поделена.
„Што и да е на маса, што и да е на дневен ред, Европската Унија е поделена или се двоуми или ги одложува потребните одлуки, а во мои очи ова во моментов е катастрофа. Бидејќи другите делови од овој мултиполарен свет се повеќе решителни и поактивни во своја насока, која во моите очи понекогаш е многу опасна“, нагласи Шулц.
Тој го критикуваше неучеството на Србија во усогласувањето на надворешната политика на Европската Унија во однос на санкциите против Русија, велејќи дека „не може да се бара членство во ЕУ и да ги прекршува принципите на ЕУ како што тоа го прави Белград“.
Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Џефри Ховениер, изјави дека приоритети на земјата што ја претставува се мир, безбедност и просперитет на Западен Балкан. Тој на Самитот за Западен Балкан рече дека овие елементи треба да бидат примарни и за земјите од Европската Унија и дека сите треба да работат на туркање на овој регион напред и на негова поголема економска интеграција. Ховениер повика на завршување на процесот на интеграција на земјите од регионот во НАТО.
Поранешниот премиер на Грција, Јоргос Папандреу, кој учествуваше преку видеолинк, изјави дека земјите од Западен Балкан имаат за цел да бидат вклучени во Европската Унија и сонуваат за зголемен просперитет и мирен соживот.
За ситуацијата во која се најде Европа откако Русија ја нападна Украина, Папандреу оцени дека е очигледно дека Европа сега видела дека процесот на пристапување е повеќе од важен и дека тоа треба да се искористи за да се создаде импулс. Меѓу другото, тој ги повика земјите од Западен Балкан да соработуваат повеќе меѓу себе заради побрза интеграција кон ЕУ, како и нивен развој.
На овој самит учествуваат високи претставници на Европската Унија и САД, шефови на држави од регионот, меѓународни институции, бизнис и финансиски лидери, академици и други.