Abdula Berısha
29 Јануари 2020•Ажурирај: 31 Јануари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Вицепремиерката и министерка за одбрана на Република Северна Македонија, Радмила Шекеринска, заедно со амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј, присуствуваа на НАТО-работилницата, јавува Aгенција Анадолија (AA).
На работилницата, претставниците од делегацијата на Обединетото Кралство ги пренесоа искуствата и практиките за приспособување на работните процеси на Постојаната мисија на Северна Македонија во НАТО, а свои обраќања имаа и министерката и амбасадорката.
Во изјава за медиумите, министерката Шекеринска изјави дека Северна Македонија ги прави последните чекори во подготовките пред членството во НАТО-алијансата.
Таа рече дека очекува за неколку недели да биде ратификуван Протоколот за членство и во Шпанија, последната земја членка на НАТО, која треба да го ратификува Протоколот за членство на Северна Македонија.
Шекеринска, исто така, истакна дека очекува ратификација и во Собранието на Северна Македонија, наведувајќи го 11 февруари како можен датум.
Во Северна Македонија е предвидено одржување предвремени парламентарни избори на 12 април, а според уставните одредби, Собранието треба да се распушти 60 дена пред денот на одржување на изборите.
„Заедно со ратификацијата, очекуваме Собранието со 2/3 мнозинство да го поддржи и Законот за одбрана, и затоа сакам да ја искористам оваа прилика и да порачам дека оправдувања веќе не се прифатливи. Законот за одбрана е реализација на нашиот државен сон“, изјави Шекеринска.
Истакнувајќи ги силните билатерални и безбедносни односи со Северна Македонија, амбасадорката Галовеј изјави дека Обединетото Кралство ги поддржува евроатлантските интеграции на земјата.
„Северна Македонија веќе ја игра својата улога во НАТО, а сега ќе го заземе своето заслужено место во структурите на одлучување, како што сите видовме, во гордиот момент на веењето на знамето на Северна Македонија на самитот на НАТО во Лондон во декември“, изјави Галовеј.