СКОПЈЕ/ПРИШТИНА/ТИРАНА (АА) - Во целиот свет, со различни активности денеска се одбележува 20 Ноември – Меѓународниот ден на децата, посветен на правата на детето, подигнување на свеста за важноста на децата и за нивната улога во светот и во општеството. По овој повод, и во земјите од регионот се одржуваат бројни пригодни активности чијашто цел е да се укаже на значајноста на почитувањето на правата на најмладата популација, но и да се констатираат состојбите и да се апелира за поголемо почитување на нивните права.
Според податоците дио коишто дојде Anadolu Agency (AA), иако во законодавствата на земјите во регионот постојат закони за заштита на правата на децата, правата на одреден процент од децата сепак се прекршуваат, се врши насилство над нив на различни начини, се соочуваат со експоатација за физичка и тешка работа, а еден од евидентните проблеми е и сиромаштијата.
Според податоците од Државниот завод за статистика (ДЗС), во 2016 година, бројот на лица на возраст од 0 до 18 години изнесува 468.292. Истата година, според ДЗС, учеството на младото население (0-14 години) изнесува 16,6 %, во вкупното население, кое брои 2.072.490 жители според процената на населението објавена во јуни 2016 година.
- Македонија: Во 2016 година пријавени 44 случаи на сомнеж за прекршување на правата на децата -
Од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ од Скопје за АА велат дека од извештајот за работата на СОС-телефонот за деца и млади, за периодот од ноември 2016 до мај 2017, пријавени се вкупно 44 случаи на сомнеж за прекршување на правата на децата. Во овие случаи, потенцијалното прекршување на правата се однесувало за 50 деца.
„Според овие податоци, најчесто прекршување на детските права имало при бракоразводните постапки – односно 27 деца биле потенцијални жртви на прекршување на правото на детето при бракоразводните постапки. Од вкупниот број на деца, 10 деца биле потенцијали жртви на насилство во своето семејство“, велат од Меѓаши.
Според „Меѓаши“, со сегашната практика, кај разведените бракови многу често се нарушуваат правата на децата, рамноправноста меѓу родителите, и се врши дискриминација на едниот родител, но и на самите деца што се принудени да растат и да се развиваат претежно со еден родител.
Од таму сметаат дека во таа насока треба да се направат повеќе измени на законот, меѓу кои и да се воведе одредба за еднакво извршување на родителските обврски и по разводот, односно независно од брачниот статус, двајцата родители да продолжат да бидат еднакво одговорни и заеднички да ги донесуваат битните одлуки за животот на детето како што се здравство, образование, воведување минимум загарантирано време што детето ќе го поминува со родителот кај кого не живее постојано.
Според грубата процена на „Меѓаши“, барем на 1.000 деца секоја година им е ограничено видувањето со другиот родител.
Од таму додаваат дека според нив, во изминатиот период, најголемиот проблем е загадувањето на воздухот, што, како што велат, директно го нарушува правото на живот, како кај децата, така и кај возрасните.
- Опаѓа бројот на децата згрижени во домови за деца без родители -
Ирена Алексовска, раководител на воспитниот персонал во Домот на деца без родители „11 Октомври“ – Скопје, во изјава за АА вели дека институцијата во којашто работи е единствената установа во Македонија што згрижува деца без родители и родителска грижа.
„Нашата институтција во моментов згрижува 44 корисници на возраст, законски, од 3-18 години, меѓутоа ние имаме од 6, па до 18-годишна возраст, каде што децата ни се вкучени во редовно образование, во основно, во средно образование и имаме тенденција, исто така, децата што ни се во предучилишна возраст да ги вклучиме во најблиските градинки во однос на процесот на социјализација, да ги приспособиме и да ги подготвиме за на училиште“, изјави Алексовска.
Таа нагласува дека во последните години, бројот на деца згрижени во оваа институција рапидно опаѓа.
„Пред 10 години ние сме работеле со бројка што изнесувала и до 100 деца, но со процесот на деинстиуционализација, поголема важност им е дадена на згрижувачките семејства и нормално дека се намалува бројот на децата, но сѐ во нивен интерес. За психолошка поддршка, нашиот стручен тим од педагог, психолог и социјален работник се на распологање и им помагаат на децата во поглед на социјализацијата, воспитниот процес и во некои психолошки тешкотии што ги имаат“, вели Алесковска.
- Сиромаштијата и работата во тешки услови, најголемиот проблем на младите во Косово -
Според податоците на Косовската агенција за статистика (АСК), од вкупно 1.783.531 жители што живеат во Косово, 30 отсто, или 535.059 се деца.
Коалицијата на невладините организации за заштита на децата во Косово (КОМФ), во писмено соопштение за АА истакна дека во врска со состојбата на децата или нивната положба во Косово, сѐ уште има потреба од понатамошно спроведување на законите, квалитетни услуги, меѓуинституционално координирање, како и подигање на свеста за нивните права.
Според КОМФ, најголемиот проблем на младите во земјата е сиромаштијата, работата во тешки услови, насилството и немање корист од образовните, здравствените и социјалните услуги. Како што велат од КОМФ, 20,7 отсто од децата живеат во сиромаштија, а 10,7 отсто од вкупниот број се вклучени во работа, од кои 6,8 отсто работат во ризични услови.
Водејќи се според податоците на АСК, КОМФ вели дека 61,4 отсто од децата до 14-годишна возраст се жртви на психичко и физичко насилство, а во врска со децата со посебни потреби, 10 отсто од нив можат да ги користат здравствените, образовните и социјалните услуги.
- Постои потребата за интервенција и кај децата на малцинските заедници во Косово -
Коалицијата КОМФ нагласува дека иако во Косово има напредок од аспект на регулирање на законодавството за децата, неговото спроведување и понатаму останува предизвик, нешто што често резултира со флагрантно прекршување на правата на децата. Сепак, од оваа коалиција велат дека без разлика на тоа што Косово не може да ја ратификува Конвенцијата за правата на децата поради политичкиот статус, земјата ги инкорпорирала членовите на Конвенцијата во целото законодавство, почнувајќи од Уставот.
Исто така, КОМФ истакнува дека некои флагрантни аспекти докажуваат дека постои потреба за интервенција кај децата од малцинските заедници, особено кај децата од ромската, ашкалиската и египетската заедница. Според оваа коалиција, секое трето дете од овие малцински заедници е вакцинирано, 17 отсто од нив се ангажирани на работа, а 43 отсто од девојчињата под 18-годишна возраст се мажени.
- Во 2016 година, во Косово имало 41 напуштено дете -
Во Косово, според податоците на коалицијата КОМФ, бројот на напуштени деца во текот на 2016 година изнесува 41, и овој број е речиси ист со претходните години. Од таму велат дека законодавството и услугите за заштита и грижа за овие деца се релативно унапредени, и тоа со во неколку аспекти на згрижување, почнувајќи од семејното згрижување, згрижување во прифатилиште, па сѐ до долгорочното решение, односно посвојување
Една од организациите што соработуваат со коалицијата КОМФ е и организацијата „СОС Детски села во Косово“, која од 2000 година нуди 24-часовно згрижување и грижа за бебиња, деца и млади без родителска грижа. Ариана Шала од оваа организација, во изјава за АА истакна дека организацијата моментално нуди 24-часовна грижа за 69 деца.
Шала информираше дека во рамките оваа организација, која работи во партнерство со државните институции, функционираат програми како „СОС-семејства“, „СОС-мајки“, „СОС-тетки“, и други. Таа вели дека преку овие програми, децата се ангажираат во различни активности, вклучувајќи образовни, културни и спортски активности, и додаде дека екипата за грижа на децата се состои и од психолог, педагог, социјален работник и педијатар.
„Нудиме услуга врз основа на семејства, што се подразбира дека и овие СОС-семејства кои ги создаваме се семејства кои нудат услови како едно биолошко семејство, но секогаш чувајќи ги односите со членовите на семејството. Велам дека е како семејство поради тоа што одговорното лице, значи СОС-мајката, учествува на родителските состаноци, на активностите на децата, таа знае кое дете во кое училиште се наоѓа. Истовремено, каков вид активности имаат, а децата се доверуваат на СОС-мајката за што и да се грижат. Нашите деца одат во јавните училишта како секое друго дете“, рече Шала.
Во рамките на алтернативната грижа, Шала рече дека спаѓа и Домот на младите, или програмата за полунезависност, каде што се нуди грижа и услуги за децата и младите над 14-годишна возраст. По Домот на младите, Шала истакнува дека младите преминуваат низ 3-годишната програма на полунезависност, каде што тие физички се исклучуваат од програмата СОС, почнуваат со независен живот, но со поддршка на програмата.
- Албанија: сиромаштијата ги поттикува децата на работа -
Според Институтот за статистика на Албанија, возрасната група 0-14 години забележува надолен тренд во земјата, достигнувајќи само 18 отсто на 1 јануари 2017 година, во споредба со 30 отсто од вкупното население на земјата регистрирано на 1 јануари 2001 година. Во јануари 2017 година, населението на Албанија се проценува на 2.876.592 жители.
Во извештаите на народниот правобранител на Албанија се истакнуваат проблемите со коишто децата се соочуваат денес, каде што се наведува дека многу причини ги поттикнуваат децата на работа. Најзначаен фактор останува сиромаштијата, а потоа неможноста за пристап до образование.
Сиромашните семејства ги принудуваат децата да работат за да ги зголемат домашните приходи. Се истакнува дека во групата на деца што се експлоатирани за работа спаѓаат сите тие деца што вршат работа за помагање на семејството, или за нивните потреби за опстанок, пред да пополнат 18 години.
Според оваа институција, без разлика на дозволената возраст за работа утврдена со закон, работата на децата под возраста предвидена со закон е еден феномен што се забележува во голема мера. Една од категориите најмногу изложени на искористување за работа или на различни кривични дела се децата со нерегистриран граѓански статус. Во категориите на деца што работат во неформалниот сектор на економијата, пред сѐ се сметаат тие што работат како мобилни продавачи, чистачи на автомобили на семафорите и друго.
Што се однесува до законската заштита на децата, во Албанија е усвоен и Закон за правата и заштита на децата, кој ги утврдува правата и заштитата на секое дете, одговорните механизми и власти, кои со ефикасност гарантираат почитување и промовирање на овие права, како и посебна заштита на детето.
Исто така, во сила е и Законот за заштита од дискриминација, кој го регулира спроведувањето и почитувањето на принципот на еднаквост на полот, расата, бојата, етносот, јазикот, половиот идентитет, економската, образовната или социјалната состојба, родителската припадност, возраста, местото на живеење, здравствената состојба, ограничената способност, припадноста во посебна група.
Во некои градови во Албанија постојат јавни институции за домување и грижа на децата, а единиците за Заштита на децата функционираат во рамките на административната структура на општината, како посебна единица или како единица на структурите задолжени за социјални прашања, и имаат обврска да ги идентификуваат и да управуваат со случаите на децата во ризик.
Меѓу другото, една од последните иницијативи во рамките на заштитата и поддршката на детските права е и повторно избраната парламентарна група „Пријатели на децата“, во деветтиот состав на албанскиот Парламент. Според Парламентот на Албанија, групата „Пријатели на децата“ има за цел да обезбеди конструктивен дијалог меѓу државните институции, организациите од граѓанското општество и клучните актери, за да се обезбеди заштита на правата на децата во сите области, од локално до државно ниво.
Во ноември 2013 година, Парламентот на Албанија исто така ја усвои Резолуцијата за заштита на детските права.
news_share_descriptionsubscription_contact
