СКОПЈЕ (АА) – Вчера во Скопје се одржа панел-дискусија на темата „Перцепцијата на Република Турција во Република Македонија“, во организација на Здружението на дипломирани студенти од Република Турција, а со поддршка на Турската агенција за координација и соработка (ТИКА). Заклучокот на учесниците на панелот беше дека Република Турција ќе биде на врвот на надворешнополитичките приоритети на Македонија, дека Македонија ја гледа Турција како истакнат стратешки партнер, но и оти покрај пријателските и исклучително добрите билатерални односи меѓу двете земји, сѐ уште постои голем економски потенцијал којшто двете земји треба да го искористат, јавува Anadolu Agency (AA).
- „Односите меѓу Македонија и Турција ќе останат цврсти“
Поранешниот премиер на Република Турција и актуелен пратеник во Парламентот, Ахмет Давутоглу, кој учествуваше на оваа дискусија, рече дека Турција и Македонија се две блиски и пријателски земји, и додаде дека ваквите состаноци не се добри само за размена на мислења, туку истовремено и за градење на иднината. Тој додаде дека низ историјата, заживувањето на цивилизациите се случило кога научните движења и односите меѓу образовните институции се интензивирале.
„Ние имаме потреба од мостови како Камениот мост, кој со години нема да се уништи. Како што Камениот мост не е уништен, така и односите на Македонија и Турција ќе останат. Односите и мостовите меѓу Скопје и Истанбул, меѓу Скопје и Коња, ќе останат цврсти“, истакна Давутоглу додавајќи дека камењата можат да се оштетуваат, но човечките мостови не се оштетуваат, а тие човечки мостови, како што рече тој, се студентите.
Давутоглу рече дека сите треба да им се спротивстават на оние што сакаат да уриваат мостови, како што е терористичката организација ФЕТО.
„Училиштата не се места за политички проекти. Училиштата, образовните установи, изградените мостови не се места за планирање државен удар. Не се места за затемнување на судбината на еден народ. Училиштата се места што ја осветлуваат иднината на еден народ. За жал, тие што рекоа дека ќе градат мостови, кои го убија Ерол Олчок, чие потекло беше од тука, урнаа мостови, оштетија срца. Училиштата и универзитетите треба да ги гледаме како места за наука, места за обединување на срцата, а не како алатка за политички проекти“, истакна тој.
Поранешниот турски премиер и актуелен пратеник во турскиот Парламент, Давутоглу, укажа и на важноста во меѓусебниот однос на професорот и студентот.
„Нашата врата беше секогаш отворена за студенти, Бошњаци и Албанци. Доаѓаа во 12 часот ноќе и разговаравме. Тоа значи да се биде професор. Ако не можете да воспоставите доживотен однос со вашиот студент, не ќе можете да бидете професор. Ако сте вистински студент и ако го сакате вашиот професор, но не можете доживотно да ги поврзете вашите срца, тогаш не сте вистински студент. Доколку размислувате за иднината на тој студент, ќе го гледате како едно цвеќе што полека расте во градина. Станувате среќни, го мирисате. И со студентот е исто така. Доколку го образувате и го воспитувате со чувства, како што тој расте, и вие ќе станете среќни“, рече Давутоглу.
Поранешниот турски премиер Давутоглу рече дека визиите на оние што учат во странство можат да го сменат правецот на историјата.
„Како академик, како професор, многу сум среќен што денес се наоѓам тука. Бидејќи гледаме како процветуваат македонските семиња засадувани со десетици години во Анадолија. Ви честитам“, рече Давутоглу.
- „Македонија позитивно гледа на Турција"
Од друга страна, членот на Управниот одбор на Џевахир Холдинг, Есер Џевахир, во својот говор истакна дека тука инвестирале како разултат на една посета на неговиот татко на оваа земја. Тој додаде дека при секоја посета чувствувале колку Македонија позитивно гледа на Турција, и како резултат на тоа многу брзо донеле одлука за инвестирање во оваа земја.
„Бидејќи ние тука се чувуствувавме безбедно. Кога дојдовме тука, забележавме колку ние меѓусебно се знаеме со овој народ, имаме заеднички вредности, имаме историски, културни и социјални врски. Исто така, видовме дека политичките односи меѓу нашите земји се поцврсти од она што мислевме“, додаде Џевахир.
- Пендаровски и Димовски: Македонија ја гледа Турција како исклучително важен стратешки партнер
Стево Пендаровски, универзитетскиот професор по меѓународни односи и поранешен шеф за националната безбедност и главен советник за надворешна политика во кабинетите на поранешните претседатели на Република Македонија, говорејќи на панел-дискусијата за односите меѓу Република Македонија и Турција, истакна дека Македонија се враќа на оние приоритети што беа заборавени.
„И порано, и денес, и утре, и вечно, Република Турција ќе биде на врвот на надворешнополитичките приоритети на Македонија“, рече Пендаровски, додавајќи дека тоа не зависи од тоа кој е на власт, а кој во опозиција во Македонија. Осврнувајќи се на надворешната политика на Република Турција, Пендаровски рече дека новите перспективи на турската надворешна политика отворија нови перспективи и за билатералата меѓу Македонија и Турција.
Во тој контекст, Пендаровски додаде дека од добрите односи со Република Турција, Македонија и нејзините граѓани можат да имаат само придобивки. „Турција има константна поддршка кај целото население во Македонија, сосема независно од неговата религиозна и етничка припадност“, рече Пендаровски, и во однос на тоа го наведе фактот што според последната анкета на Меѓународниот републикански институт, којшто ја мери наклонетоста на Македонија кон други држави, Турција има 18 проценти поддршка кај населението во Македонија и само САД се пред неа, со 22 проценти, што според неговото мислење е многу важно да се наведе, бидејќи како што рече, Турција е уникатна и најдобро стои затоа што поддршката за Турција е балансирана во сите етнички заедници во Македонија, што не е случај за Америка.
Тој додаде и дека од независноста на Република Македонија, Турција доследно ја поддржува во нејзините евроатлански интеграции, како и дека Република Турција дава уникатна поддршка на Македонија во спорот околу името со Грција.
Илија Димовски, пратеник во Собранието на Република Македонија, рече односите меѓу РМ и Турција секогаш имаат емоционална и рационална димензија.
„За нас, Македонците по потекло, секогаш значела огромната стратешка поддршка што ни ја дава Турција на РМ без исклучок, во секој случај кога тоа било потребно“, рече Димовски и додаде дека Турција секогаш дава безрезервна поддршка за интегрирање на Македонија во НАТО. Во контекст на перцепциите на Република Турција во Македонија, Димовски рече дека Македонија ја гледаТурција како исклучително важен стратешки партнер.
Меѓу другото, вчера во организација на „Логос-А“ и „Табернакул“ беше промовирана и книгата „Цивилизации и градови“ и книгата „Стратешка длабочина“, чиј автор е поранешниот турски премиер и актуелен пратеник Ахмет Давутоглу.
news_share_descriptionsubscription_contact
