Fatjon Cuka
29 Септември 2017•Ажурирај: 30 Септември 2017
ТИРАНА (АА) - На свечена церемонија организирана на Академијата за безбедност во Тирана, беа доделени сертификатите за припадниците на единиците за антитероризам на полицијата во Албанија, кои беа обучени од страна на нивните колеги од Дирекцијата за антитероризам на турската полиција, кои ги пренесоа своите искуства во врска со тероризмот и спречувањето терористички активности, јавува Anadolu Agency (AA).
На настанот учествуваа претставници на Дирекцијата за антитероризам на албанската полиција, претставници на Академијата за безбедност во Тирана, претставници на амбасадата на Турција во Тирана и други.
Заменик-претседателот на Академијата за безбедност, Артан Шкемби, истакна дека оваа обука е мошне значајна за зголемување на знаењата во областите како борбата против тероризмот.
„Ова е една мошне корисна обука. Соработката на полиција на Албанија и Академијата за безбедност, особено со турската полиција и Дирекцијата за антитероризам на турската полиција, во текот на оваа година, беше на највисоко ниво. Доказ за тоа се реализираните голем број обуки, како во Албанија така и во Турција. Во овие рамки, работиме заедно со турската амбасада за планирање на обуките за 2018 година. Важно е да се определи обука којашто ќе биде од заеднички интерес“, вели Шкемби.
Од друга страна, заменик-амбасадорот на Турција во Тирана, Синан Џем Баш, нагласи дека од 2014 година се реализирани неколку различни обуки за вработените на албанската полиција, во врска со борбата против тероризмот, за методите за разузнавање во борбата против тероризмот и др.
„За жал, нашата земја многу страдаше од ваквите терористички активности. Борбата против тероризмот е една од најзначајните работи за нашата безбедност, и отсекогаш ѝ се пристапувало со голема сериозност. Ја продолжуваме нашата непрекината борба против терористичките организации како ДЕАШ, ПКК/ПЈД и ФЕТО, борба којашто ја водиме внатре во земјата, но и надвор од границите. Во денешно време терористичките организации не познаваат граници. Затоа соработката меѓу земјите против терористичките акти секогаш има најголемо значење“, рече Баш.
Како што пренесе тој, посакуваат нивните пријатели секогаш да бидат подготвени против тероризмот, и поради оваа причина, подготвени се да го споделат своето искуство со нивните пријатели Албанци.
„Терористичката организација ФЕТО користеше и сѐ уште користи специјални комуникациски системи, успевајќи да навлезе во државниот систем, и во исто време прави итри планови затскривајќи се на различен начин. Турција посакува Албанија да не биде оштетена од страна на терористичките организации како ДЕАШ или ФЕТО, или како и да се нарекуваат“, истакна Баш.
Дел од неколкудневната обука беа вработените од албанската полиција од полициските дирекции од целата земја, ангажирани во единиците за антитероризам.