Vesna Besiç
29 Септември 2018•Ажурирај: 30 Септември 2018
САРАЕВО (AA) - На третиот ден од „Сараево Халал саем (SHF) 2018“, одржана е церемонија на доделување на саемски награди на поединци и компании кои придонеле за развојот на халал индустријата во регионот. Наградата за најдобар штанд, по избор на публиката и посетителите, доделена е на компанијата „УКА Комерц“ од Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Адем Абази, директор на компанијата „УКА“, во изјава за АА го сподели задоволството од добивањето на наградата.
„Тоа е наша среќа. Во ова е вклучена цела екипа. Со работа може сѐ да се постигне. Халал сертификатот е многу битен бидејќи луѓето сега знаат што е халал. Халал не е само важно во верска смисла, туку значи здрава и чиста храна“, појасни Абази, и порача дека халал производите се без конкуренција.

Наградата за најголем број халал сертификувани производи, повеќе од 900, доделена е на „АС Холдинг“. Наградата за исклучителен придонес во развојот на халал индустријата во БиХ, доделена е на Мидхат Јашиќ, Амир Сакиќ и Институтот за стандардизација на БиХ.
Наградата за исклучителен придонес за развој на халал индустријата во регионот, со исклучок на БиХ, доделена е на претседателот на Мешихатот на Исламската заедница во Хрватска, муфтијата Азиз ефенди Хасановиќ.
„СХФ 2018“, организиран од „Bosna Bank International (BBI)“ во соработка со Исламската заедница во БиХ и Исламската развојна банка (IsDB), собра учесници од над 40 земји, и околу 100 излагачи од целиот свет.
Во текот на „СХФ 2018“, овозможени се средби на регионалните произведувачи на халал производи од БиХ, Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Македонија и Албанија, со големи купувачи и дистрибутери од ЕУ, Саудиска Арабија, Турција, Малезија, Бахреин, Либија, Обединетите Арапски Емирати.
Организатори се BBI банка, Исламската развојна банка и Исламската заедница во БиХ. Глобален медиумски партнер на првиот „СХФ“ е Anadolu Agency (AA). „СХФ“ завршува денеска, со доделување на признанија за најуспешните учесници.