Husamedin Gina
11 Април 2019•Ажурирај: 12 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) – Царинската управа минатата година по сите основи наплати вкупно 1,43 милијарда евра, што е за 160 милиони евра повеќе, односно 11 проценти повеќе во однос на 2017 година, истакна денеска директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски, по повод одбележувањето на 14 Април – Денот на Царинската управа, јавува Anadolu Agency (AA).
Царинската управа на Северна Македонија, на манифестацијата по повод 14 Април – Денот на Царинската управа, го промовираше новиот концепт „Дигитална царина“, а исто така го презентираше и Годишниот извештај за работата на Царинската управа во 2018 година.
На свечената церемонија, по повод одбележувањето на 14 Април – Денот на Царинската управа, присуствуваше и премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев.
Во своето обраќање премиерот Заев истакна дека Царинската управа и царинските работници се првиот контакт при влез во земјата, и дека тие се лицето на Република Северна Македонија.
„Како резултат на посветено и чесно работење, Царинската управа се покажа како сериозен и еден од најголемите учесници во полнењето на приходниот прилив во буџетот на нашата држава. Овие факти сами по себе зборуваат колку е значајна улогата на Царинската управа во креирањето на економскиот амбиент во државата“, истакна премиерот Заев.
Заменик-министерката за финансии, Ширет Елези, во своето обраќање наведе дека Министерството за финансии и Царинската управа заедно ќе продолжат да ги спроведуваат реформите во овој сектор.
„Само заедно ќе можеме да одговориме на новите предизвици што ни претстојат. Модерната дигитализирана Царинска управа ќе ги подобри трговијата и транспортот, а со тоа и нашата економија во целост“, нагласи Елези, додавајќи дека нивната работа е да спроведат безбеден, праведен и одржлив систем, а во тоа главната улога ја има Царинската управа.
Директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски, на денешната манифестација го презентираше Годишниот извештај за работата на Царинската управа во 2018 година.
„Ако минатата година најавивме дигитализација, оваа година нѐ очекува реализација на дигитализацијата, согласно нашата визија да бидеме водечка управа во регионот според највисоките европски стандарди, а истовремено да останеме доследни на заштитата на финансиските интереси и општеството“, рече Танасоски, истакнувајќи дека Царинската управа минатата година по сите основи наплатила вкупно 1,43 милијарда евра, што е за 160 милиони евра повеќе, односно 11 проценти повеќе во однос на 2017 година.
На денешната свечена манифестација присуствуваше и главниот советник за економски прашања при Амбасадата на Турција во Северна Македонија, Бунјамин Кутлу.