Adel Omeragic
11 Април 2019•Ажурирај: 12 Април 2019
ПОДГОРИЦА (АА) - Авионите на италијанската војска над воздушниот простор на Црна Гора пресретнаа патнички авион кој претходно изгубил комуникација со контролата на воздушниот сообраќај, се соопштува денес од НАТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Италијанските авиони, во согласност со мисијата „Air policing“, со колегите од Грција го чуваат воздушниот простор на Црна Гора, откако Црна Гора во јуни 2017 година стана полноправна членка на НАТО.
Патничкиот авион, според соопштението, вчера ја загубил комуникацијата со контролата на цивилниот воздушен сообраќај над Хрватска и во моментот на узбуната се движел јужно кон Црна Гора и Албанија.
Два „еврофајтери“ успешно го пресретнале леталото само неколку минути откако биле известени за овој случај.
Пилотите на „еврофајтерите“ при визуелна проверка исклучија какви било незаконски активности, технички или какви било други проблеми.
„Утврдено е дека губењето на комуникацијата е поврзано со неразбирањето меѓу контролата на цивилниот воздушен сообраќај и посадата на авиопревозникот. Откако го повратил регуларнот контакт со контролорите на цивилниот воздушен сообраќај, авионот продолжил кон својата дестинација, кон Хургада, Египет“, пишува во соопштението.
Се додава дека авионите на италијанската војска во моментот на узбуната биле во воздушната база во близина на Бари.