Andelija Stojkovic
03 Февруари 2017•Ажурирај: 04 Февруари 2017
БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Владата на Црна Гора, Душко Марковиќ, денес по состанокот со премиерот на Србија, Александар Вучиќ во Белград, оцени дека односите на двете земји се најдобри во последните 20 години, јавува Anadolu Agency (AA).
„Меѓудржавните односи се најдобри во последните 20 години и не сакам да ја кријам мојата благодарност за посветеноста кон напорите што претседателот на Владата на Србија ги има направено. Тоа ќе го надградуваме и ќе сториме сѐ за двете земји да ги развијат своите потенцијали за доброто на граѓаните“, изјави Марковиќ.
Тој оцени дека во регионот се појавуваат „гласови кои би можеле да го загрозат она што го создадовме“.
„Мораме да сториме сѐ за да ги сочуваме мирот и стабилноста. Ние најдобро знаеме кои се нашите интереси и ние треба да им се посветиме и да ги сочуваме“, изјави Марковиќ на прес-конференцијата во Белград.
Тој изјави дека го поддржува дијалогот на Белград и Приштина и дека Црна Гора е подготвена да придонесе за тој дијалог, бидејќи како што наведе, дијалогот е нешто што нема алтернатива.
Запрашан за тоа како се чувствуваат Србите поради тоа што Црна Гора ја признала независноста на Косово и поради гласањето на Косово да добие место во УНЕСКО, Марковиќ изјави дека ниту значаен број Црногорци не се задоволни со таквата одлука, но дека секоја таква одлука не била против Србија, туку поврзана со интересите на Црна Гора.
Вучиќ изјави дека трговската размена на двете земји е 709,8 милиони евра, односно зголемена е за два отсто, и дека има простор за понатамошно зголемување. Исто така тој додаде дека од клучно значење е да се изгради автопатот Белград – Подгорица – Бар и да се модернизира пругата Белград – Бар.
„Важно е да ги поврземе Србија и Црна Гора, а за тоа е клучно да имаме мир и стабилност. За еден месец судири и војни се враќаме 10 години наназад“, изјави Вучиќ и додаде дека Србија и Црна Гора се договориле околу граничните премини и за вложувањето пари во нив, за да се намали метежот во летните месеци, да има пораст на туристите во двете земји, како и дека е можна изградба на заеднички хидроелектрани.
Вучиќ изјави дека соработката со Црна Гора во европските интеграции е одлична и дека двете земји се подгтвени да соработуваат на тој пат, но и преку Берлинскиот процес и групата 16 плус еден со Кина.
Кога станува збор за членството во НАТО, Вучиќ изјави дека Србија ја почитува суверената одлука на Црна Гора да стане член на НАТО, како што Црна Гора ја почитува одлуката на Србија да биде воено неутрална.
Тој изјави и дека за Црна Гора е решено прашањето на разграничувањето со Косово, бидејќи договорот за демаркација на границите е потпишан и верификуван во црногорскиот Парламент и дека сега на потег е Парламентот на Косово.
„Ја обезбедивме и ја чуваме секоја педа од својата територија. Не сакаме да земеме ниту еден сантиметар туѓа земја и по тоа прашање сме ладнокрвни“, изјави Марковиќ.
Марковиќ денес ќе се состане и со претседателот на Србија, Томислав Николиќ и со претседателката на Собранието на Србија, Маја Гојковиќ, додека утре ќе разговара со премиерката на покраинската Влада во Војводина, Игор Митровиќ и со црногорската дијаспора во Војводина.