Sibel Vezaj
03 Февруари 2017•Ажурирај: 03 Февруари 2017
ПРИШТИНА (АА) - Претседателот на Република Косово, Хашим Тачи денес го пречека генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, со кого разговараше за унапредувањето на односите меѓу косовските институции и НАТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштение од кабинетот на претседателот се вели дека за време на средбата, претседателот Тачи ја пофалил работата на КФОР во Косово, истакнувајќи дека со нивната посветеност успеале да станат институција со најголема доверба за нашите граѓани.
„Косово ја цени вашата улога и изразената подготвеност да се создаде основа за раст на нашата соработка. Нашата земја останува посветена на подобрување на односите со НАТО, како од политички аспект, така и од практичен“, изјави Тачи, додавајќи дека единствената аспирација на Косово е членството во ЕУ и во НАТО.
Претседателот Тачи и секретарот Столтенберг исто така зборуваа и за посветеноста на косовските власти во борбата против тероризмот и против верскиот екстремизам, за Косовските безбедносни сили, дијалогот со Србија и за добрососедските односи со земјите од Западен Балкан.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска оствари средба и со премиерот на Косово, Иса Мустафа.