САРАЕВО
Во Меморијалниот центар „Ковачи“ во Сараево, денеска е отворена манифестацијата „Одбрана на БиХ - Игман 2019“, на која е порачано дека ова е „ден кога се сеќаваме на најдобрите синови на оваа татковина, шехиди и херојски загинати борци“, јавува Anadolu Agency (АА).
Жељко Комшиќ, претседавач со Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ) и Шефик Џаферовиќ, член на Претседателството на БиХ, присуствуваа на церемонијата на отворањето на манифестацијата. Членовите на Претседателството на БиХ и бројни делегации положија цвеќе и им одадоа почит на шехидите и загинатите борци на Армијата и на Министерството за внатрешни работи на РБиХ.
Овогодишната, 19. по ред традиционална манифестација „Одбрана на БиХ - Игман 2019“ има за цел да ги собере преживеаните учесници во одбрана од сите краеви на БиХ, кои ќе ги евоцираат спомените и сеќавањата на тешките години од борбата на народите против агресорот и запознавање на младите генерации со значењето на херојската борба во судбинските денови на одбраната, како на Игман, така и на главниот град и на државата Босна и Херцеговина.
Манифестацијата, чиј медиумски покровител е и Anadolu Agency, ја отвори Шефик Џаферовиќ, член на Претседателството на БиХ, кој во оваа пригода потсети дека денеска започнува дводневната манифестација „Одбрана на БиХ - Игман 2019“, со која се присетуваат на битката на Игман, една од најзначајните битки во текот на одбраната од агресијата.
„Ова се денови кога се сеќаваме на величествената победа на борците на Армијата на Репблика БиХ, во летото 1993 година на планината Игман. Таа победа имаше есенцијално значење за одбраната на главниот град на БиХ, но и за одбраната и опстанокот на целата држава. Целта на агресорските сили беше заземање на Игман и прекин на последната копнена линија која го соединува Сараево со остатокот од слободната територија, а всушност, и со остатокот од светот. Доколку агресорот успееше во својата замисла, тоа ќе беше крај на затворениот обрач на опсадата кој од почетокот на агресијата се стегаше и го гушеше главниот град на Босна и Херцеговина“, рече Џаферовиќ.
Тоа би имало, како што кажа, големи, веројатно и суштински последици, бидејќи пресекувањето на копнената комуникација на Сараево и преостанатиот дел од државата би било ненадоместливо од военостратешки аспект.
„Со херојски напори на борците на Армијата на БиХ, агресорот е тешко поразен и спречени се неговите цели. Повеќекратно наоружан и опремен, големосрпскиот агресор се обиде на Игман да го скрши ’рбетот на одбраната на БиХ, но на крајот си ги скрши забите. Армијата на РБиХ ја покажа својата величествена сила. Во тие денови историјата уште еднаш потврди дека нема ништо посилно од армија на чесни луѓе кои се борат за вистинска цел“, истакна Џаферовиќ.
Агресорските сили, подвлече тој, имале нечесни, криминални цели. Нивна цел, истакна Џаферовиќ, било разбивање на БиХ и уништување на бошњачкиот народ и сите босанско-херцеговски патриоти.
„Со пресуди на највисоките инстанци на меѓународното право е потврдено дека нивната борба била во знак на кршење на меѓународното право, како и на правилата и обичаите на војување. Тоа беше, едноставно кажано, здружен злосторнички потфат. Наспроти нив, Армијата на Босна и Херцеговина се бореше за најчесните цели, а тоа беше одбрана и зачувување на државата Босна и Херцеговина и одбрана на бошњачкиот народ од геноцид. Армијата на Република БиХ, како единствена легална воена формација на територијата на БиХ, во периодот 1992 - 1995 година ја бранеше БиХ и правото на бошњачкиот народ и сите босанско-херцеговски патриоти на опстанок“, појасни Џаферовиќ.
Воедно, потсети, Армијата на РБиХ, на планината Игман и на другите сурови боишта низ БиХ, единствена во периодот 1992-1995, ги бранеше и темелните вредности на слободниот, демократски свет и елементарните цивилизациски начела, меѓу кои и идејата вткаена во сржта на Босна и Херцеговина - идејата за тоа луѓето од различна етничка и верска припадност да можат да живеат заедно.
„Злосторниците не успеаја да ја разбијат таа цивилизациска идеја на БиХ, и никогаш нема да можат, бидејќи никогаш нема да им дозволиме да го направат тоа. Сите тие во периодот на агресијата се обидоа да ја уништат БиХ, се обидуваат исто и денеска со своите следбеници, само тоа го прават под разни маски, перфидно, не повеќе со воени, туку со политички средства. Изборот кој пред нас беше поставен, никогаш не беше војна или мир, конфронтација или соработка, туку борба или предавство, слобода или ропство. Така беше и во 1992 година, така и денес. Ние секогаш биравме борба, а денес тоа е политичка борба од која зависи судбината на оваа земја. Затоа е важно да се гради и јакне свеста за потребата за одбрана на државата, бидејќи самото единство на патриотите на оваа земја е гаранција за нејзино зачувување“, порача Џаферовиќ.
Утре, според неговите зборови, е ден кога на Игман ќе се соберат борците на Армијата на Република Босна и Херцеговина, од сите краеви на земјата, да евоцираат спомени од летото 1993 година и да ги запознаат младите генерации со најтешките времиња во историјата на БиХ, кога беа одбранети земјата и слободата.
Манифестацијата „Одбрана на Босна и Херцеговина - Игман 2019“ започна денеска на Ковачи, со сеќавање на шехидите. Денеска, како што изјави тој, се собрале на Ковачи за да оддадат почест на сите загинати борци на Армијата на Република БиХ, најдобрите синови на оваа земја, бидејќи ако не била нивната жртва и подготвеност по секоја цена, дури и по цената на животот да ја бранат БиХ, денес не би постоела Босна и Херцеговина.
„Посебната порака која денеска сакам да ја упатам од ова место е пораката за важноста за грижа за семејствата на шехидите и загинатите борци. Долгот со кој шехидите и загинатите борци на Армијата на РБиХ нѐ задолжија не е возможно никогаш до крајот да се врати, бидејќи е толкава нивната жртва. Но ние мораме непрестајно да го враќаме тој долг и да работиме на заштита на правата на семејствата на шехидите и загинатите борци. Тоа го правевме, во согласност со можностите, сиве овие години до крајот на војната, па сѐ до денес. Ќе продолжиме тоа да го правиме и во иднина“, порача Џаферовиќ.
Министерот за прашања на борците и инвалидите во Владата на Федерацијата на БиХ, Салко Букваревиќ, денеска, во обраќањето на присутните порача да се сеќаваме на соборците, пријателите, татковците и мајките.
„Се сеќаваме на најдобрите синови на оваа татковина, нашите шехиди и загинатите борци. Дванаесет години по ред се собираме на оваа манифестација, за и овој пат да покажеме дека не ги забораваме шехидите и загинатите бранители и дека тоа е наша трајна задача. Да не беа шехидите и бранителите, денес не би имало држава за нас. Не смееме никогаш да заборавиме дека секоја стапка на нашата татковина е натопена со шехидската крв на оние кои се бореа за единствена, суверена и независна држава на БиХ“, изјави Букваревиќ.
Особено го радувал фактот што оваа година биле најавени голем број млади луѓе, кои утре ќе дојдат на Игман, на централното одбележување.