Ekipa
01 Август 2019•Ажурирај: 01 Август 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зора Заев, заедно со својот бугарски колега, Бојко Борисов, положија венци и се поклонија пред гробот на Гоце Делчев во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
По повод двегодишнината од потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка помеѓу Северна Македонија и Бугарија, бугарскиот премиер, заедно со своја делегација, престојува во работна посета на Северна Македонија.
На гробот на Гоце Делчев се поклонија и министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров, и шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева.
Претходно, премиерите на двете земји одржаа средба и прес-конференција на која се осврнаа на Договорот, за којшто рекоа дека ги отвори евроатлантските перспективи на Северна Македонија и дека е добар пример за тоа како да се градат добрососедски односи меѓу две земји.
Според Договорот за добрососедство, формирана е Заедничка експертска комисија која треба да постигне согласност за историографските факти и документи кои се однесуваат на одредени заеднички историски настани и личности, меѓу кои и за Гоце Делчев. Премиерот Борисов денес беше категоричен дека Комисијата треба да постигне согласност до октомври.