Husamedin Gina
12 Април 2019•Ажурирај: 14 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) – Вкупно 50 ученици од Северна Македонија, Србија,Бугарија, Турција и Белгија, ќе учествуваат на „Олимпијадата во информатика 2019“ што ќе се одржи од денеска до 14 април во просториите на Меѓународниот балкански универзитет (МБУ), јавува Anadolu Agency (AA).
Олимпијадата е во организација на Меѓународниот балкански универзитет, во соработка со Здружението на информатичари на Македонија.
Заменик-ректорката на Меѓународниот балкански универзитет, проф. д-р Александра Појразовска-Кујунџиски, пред свеченото отворање на Олимпијадата истакна дека информатиката е неопходна за нашиот живот и дека познавањето на информатиката не претставува само знаење, туку едноставно тоа е и вештина.
„Идејата е да се прошири знаењето и да се укаже на потребата на внесувањето на информатиката во секој сегмент од нашето општество и да се подигне свеста на средношколците за значењето на оваа проблематика во секоја сфера на животот“, нагласи професорката Појразовска.
Професорката, исто така, рече дека натпреварувачите се поранешни носители на медали не само на националните олимпијади по информатика, туку и од Балканската Европската и Светската јуниорска олимпијада.
Претседателот на Комисијата на Олимпијадата, проф. д-р Арјан Скука, рече дека со организирањето на Олимпијадата Меѓународниот балкански универзитет покажал визија и иницијатива за прв пат во Северна Македонија да организира олимпијада за програмирање.
„Се надевам ќе има позитивно влијание врз подигнување на свеста за значењето на софтверското инженерство и компјутерското инженерство во Македонија, а и пошироко“, рече Скука, додавајќи дека Олимпијадата ги следи современите текови на овие натпревари во светот.
Претседателот на Здружението на информатичари на Македонија, проф. д-р Миле Јованов, истакна дека Здружението повеќе од 10 години работи на тоа да се воведе што повеќе информатика во основното и средното образование, со цел да се изградат добри кадри.
„Македонија постигнува добри резултати во областа, знаеме дека најдобро платените работни места во Македонија се од областа на информатиката. Жал ми е што немаме можеби уште поголем успех, уште поголем прогрес“, нагласи Миле Јованов, истакнувајќи дека ако се имплементира она што е воведено во образованието, тогаш ќе имаме многу посилна основа и поголем број способен кадар.
Победниците на натпреварите ќе добијат медали и плакети.
„Олимпијадата во информатика 2019“ е поддржана од Меѓународната олимпијада за информатика, Балканската олимпијада за информатика и Националната олимпијада на Северна Македонија.