Mahmut Atanur
05 Јануари 2016•Ажурирај: 07 Јануари 2016
ПЕКИНГ (АА) - Најмалку 14 патници загинаа, а 32 се повредени во пожар кој изби во патнички автобус кој сообраќал во северозападната кинеска покраина Нингсиа Хуи, јавува Anadolu Agency (AA).
Инцидентот се случил рано утринава кога автобусот поминувал покрај салон за мебел во градот Хелан. Во моментот на инцидентот во автобусот се наоѓале околу 50 патници, а станува збор за автобус кој има капацитет од 84 места за седење и е во сопственост на јавната транспортна компанија "Yinchuan".
Меѓу патниците има осум патници со тешки повреди, додека останатите се здобиле со полесни изгореници или поблаго труење од чадот.
Сите повредени се хосптализирани во Универзитетскиот клинички центар "Ningxia", а седум лица се на одделот за интензивна нега.
Преживеаните патници за новинската агенција "Синхуа" кажаа дека пожарот избил во задниот дел на автобусот и дека огнот многу брзо се проширил на целата внатрешност, додека патниците се евакуирале од предната врата.
Истрагата за причините за пожарот е во тек, а локалната полиција трага по еден осомничен, познат како пироман.