Балкан

Агенцијата за статистика на Косово ги објави резултатите од пописот, северниот сосед има 1.602.515 жители

На пописот од 2011 година, Косово имало 1.739.825 жители или околу 140 илјади повеќе

Agim Sulaj  | 19.12.2024 - Обновена : 20.12.2024
Агенцијата за статистика на Косово ги објави резултатите од пописот, северниот сосед има 1.602.515 жители Фото: АА/Архива

ПРИШТИНА (АА) - Агенцијата за статистика на Косово (АСК) ги објави првите конечни резултати од процесот на попис на населението во земјата, јавува Анадолу.

Според АСК, заедно со општините на северот на Косово, каде што живее претежно српско население и каде што овој процес беше бојкотиран, вкупниот број на жители е проценет на 1.602.515 жители.

Што се однесува до етничкиот состав, 91,76 отсто се изјасниле како Албанци, 2,31 отсто Срби, 1,69 отсто Бошњаци, 1,22 отсто Турци, 1,02 отсто Ашкалии, 0,67 отсто како Египќани, 0,58 отсто Горани, 0,55 отсто Роми и 0,19 отсто други.

На пописот од 2011 година, 1,07 отсто се изјасниле дека припаѓаат на турската заедница во земјата.

Резултатите на АСК покажуваат дека просечната возраст на жените е 35,66 години, додека на мажите е 34,03 години. Што се однесува до верската структура во земјата, бројките покажуваат доминација на граѓани кои се изјасниле дека припаѓаат на исламската вероисповед.

Конкретно, 93,49 отсто се изјасниле како припадници на исламската вера, 2,31 на православната вера, 1,75 на католичката вера, 0,5 отсто се изјасниле дека не припаѓаат на никоја вера, а 1,5 отсто не се изјасниле за верска припадност. Освен тоа, 0,45 отсто се изјасниле за друга вера.

Во овој процес на регистрација, за прв пат се евидентирани и воените штети, каде според објавените податоци, за време на војната загинале 11.417 лица, исчезнале 1.047 лица, биле повредени 6.682 лица, а 3.312 биле затворени.

Од друга страна, населението кое живее во рурални средини е намалено од 62 отсто во 2011 година на 49,8 отсто во 2024 година.

Според резултатите, за првпат урбаното население со концентрација од 50,2 отсто го надминува руралното население, а оваа промена, според АСК, покажува движење на населението кон градските средини.

Споредено со 2011 година, зголемување од 21,5 отсто е забележано и кај бројот на згради, станови и куќи.

„Многу е зголемен и бројот на општи станови, во однос на 2011 година, за 41 отсто, како и бројот на обичните станови е зголемен за 35 отсто. Ова покажува дека градежништвото во Косово во текот на овој период забележало огромен пораст“, рече в. д. директорот на АСК, Авни Катрати, при презентацијата на податоците.

Податоците покажуваат дека во Косово, доминантен број од населението има станови во сопственост, односно 92,8 отсто, додека бројот на станови под кирија или други форми на домување останува многу низок.

Бројот на домаќинства е зголемен за 69.505 или за 23,4 отсто.

На пописот од 2011 година, Косово имало 1.739.825 жители или околу 140 илјади повеќе.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın