Admir Fazlagic
05 Август 2017•Ажурирај: 05 Август 2017
СКОПЈЕ (АА) - Активни се повеќе пожари во неколку плански региони во државата. Станува збор за северниот (скопски), тетовско-полошкиот, југозападниот и повардарскиот плански регион, пренесува Anadolu Agency (AA).
Центарот за управување со кризи соопшти дека сѐ уште е активен пожарот во атарот на селата Требовље и Растеш и во негово гаснење се ангажирани АРМ, два хеликоптери (интервенирале попладнето), месното население од селата и доброволци од Кичево, Прилеп и Скопје.
Пожарот од атарот на сeло Растеш, како што се наведува, се проширил во атарот на село Волче, а не се исклучува можност да се прошири и во атарот на населените места Битово и Заград.
Во врска со пожарот во атарот на селото Близанско, местата викани Брдо и Круша, од ЦУК информираат дека тој повторно се активира и се движи кон местото Фојник.
Во гаснењето на пожарот во село Девич ангажирани се лица од Шумското стопанство „Сандански“ – Македонски Брод и пожарот го контролираат, а горните куќи од селото не се загрозени, но пожарот е активен и со намален интензитет на местото викано Попец.
Од ЦУК посочуваат дека на пожарот во атарот на село Могилец интервенираат Територијалната противпожарна единица Македонски Брод, лица од месното население и лица од Шумско стопанство „Сандански“.
„Пожарот се шири кон атарите на селата Клуќерец и Инче кон местото Даб, како и кон атарот на село Модриште. Гори дабова и борова шума. Од 17 часот интервенираат и два авиони на Дирекцијата за заштита и спасување. Во село Могилец опожарени се две напуштени дотраени куќи, три куќи во кои живеат луѓе од селото и една куќа е делумно оштетена. Интервенира и Територијална противпожарна единица Прилеп”, информираа од ЦУК.