Admir Fazlagic
05 Август 2017•Ажурирај: 06 Август 2017
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство на Република Македонија Љупчо Николовски денеска информираше дека за гасење на пожарите во земјава се ангжарирани Армијата на Република Македонија (АРМ), хеликоптерите на АРМ, еден хеликоптер од Турција и еден хеликоптер од Бугарија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во овие моменти најважно е да се задржи присебноста и граѓаните да имаат доверба во институциите кои се на терен. Ангажирани се Армијата на Република Македонија, хеликоптерите на АРМ, еден дојден е на помош од Република Бугарија и уште еден од Република Турција. Имаме пожарникари на терен, вработени во државни институции и се работи да се локализираат сите пожари”, изјави Николовски.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соопшти дека забранува целосно движење во шумите, без оглед на нивната намена. Забраната започнува да важи од денеска и ќе трае се до нејзино отповикување. Оваа одлука не важи за вработените во ЈП „Македонски шуми“ и субјектите кои управуваат со заштитените подрачја од сите категории (Национални паркови, Парк шуми, шуми со специјална намена споменици на природата и сл).
„Како мерка која што ќе биде преземена е тоа да не смее да се става во промет опожарено дрво. Во моментов додека сме ние на терен ангажирани се сите надлежни иституции во рамки на Министерството и и Државниот инспекторат за шумарство и ловство и насоки се бараат и од јавното претпријатие „Македонски шуми“ се со цел да стапи на сила токму оваа мерка која што сметаме дека ќе даде резултат”, рече министерот Николовски кој денеска беше на теренот кој е опожарен во скопското село Моране.
„Сите ангажирани лица на терен, припадниците на Армијата, војниците, прават натчовечки напори за што е можно побрзо локализирање и целосно гасење на пожарите. Веќе ја зајакнавме комуникацијата на институциите во однос на навремено информирање на граѓаните, а во наредниов период ќе се фокусираме и на зајакнување на одговорот”, додаде Николовски.
- Активни пожари ширум Македонија
Хеликоптерите денеска го гаснат пожарот во селото Моране, Студеничани. На терен се ангажирани и 20 лица од Дирекцијата за заштита и спасување.
Инаку, во последните денови активни се пожари на неколку места ширум територијата на Македонија, меѓу кои највеќе во селото Моране, Во Македонски брод се уште е активен и пожарот во атарот на селото Требовље, кој е префрлен во с. Растеж, во местото Фојник и се движи кон кон с. Близанско. Пожарот е на отворен простор, запалена е сува трева и лисната постилка од борова шума. Ангажирани се 45 лица за негово гаснење.
Кон селото Калуѓерец гори сува трева и ниско стеблесна шума. Има активни пожари и на територијата на Kарпош – кај селото Радуша кон Јегуновце гори ниско стеблесна шума.
Забележани се пожари и на територијата на велешко.