Албанија го испраќа првиот контингент во мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина
Првиот албански контингент во мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина се состои од 30 војници и според албанските институции, ќе служи околу 6 месеци во кампот Бутмир во Сараево
ТИРАНА (АА) - Вооружените сили на Албанија продолжуваат со својот придонес во меѓународните мисии, при што присуството на Албанија во мисијата на Европската Унија, АЛТЕА, во Босна и Херцеговина е зголемено за 30 војници, интегрирани со Вооружените сили на Туркије, пренесува Анадолу.
Во соопштението на Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија се наведува дека вод од Лесниот пешадиски баталјон на албанските копнени сили ќе биде првиот контингент во оваа мисија, истакнувајќи дека во последните години, Албанија има придонесено со штабни офицери.
На церемонијата организирана при испраќањето на овој контингент, што се одржа во Тирана, присуствуваа албанскиот министер за Европа и надворешни работи Игли Хасани, албанскиот министер за одбрана Пиро Венгу, турскиот амбасадор во Тирана, Тајар Каган Атај, вршителот на должноста европски претставник на Унијата (ЕУ) во Албанија, Андре Ризо, и претставници на други албански институции.
Во својот поздравен говор, министерот Хасани оцени дека оваа посветеност не е само воена должност, туку јасен доказ за непоколебливата посветеност на Албанија за регионалната и меѓународната безбедност и стабилност. „Нашето учество во оваа мисија ги одразува вредностите што ги споделуваме со нашите партнери: Мир, соработка и колективна безбедност“, нагласи Хасани.
Министерот Венгу истакна дека Албанските вооружени сили значително го зголемиле учеството во меѓународните мисии и операции, достигнувајќи бројка од 500 припадници постојано распоредени во мисии во странство.
Според соопштението, турскиот амбасадор Атај ја истакнал долгата историја на соработка меѓу вооружените сили на двете земји, кои служеле рамо до рамо во Авганистан. Притоа, тој го смета отпочнувањето на оваа нова операција за важен момент во континуитетот на билатералната соработка.
Поздравен говор имаше и вршителот на должноста претставник на Европската Унија во Албанија, Андре Ризо, при што истакна дека „ја цени целосната усогласеност на Албанија со надворешната и безбедносната политика на ЕУ“.
Првиот албански контингент во мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина се состои од 30 војници и според албанските институции, ќе служи околу 6 месеци во кампот Бутмир во Сараево.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.