Fatjon Cuka
28 Февруари 2024•Ажурирај: 28 Февруари 2024
ТИРАНА (АА) - Премиерот на Албанија, Еди Рама, денес во Тирана се сретна со претседателот на Украина, Владимир Зеленски, кој престојува во прва посета на балканската земја што е коорганизатор на Самитот Украина - Југоисточна Европа, јавува Анадолу.
Рама на социјалните мрежи напиша дека првпат е домаќин на претседателот на Украина, Владимир Зеленски - „лидерот на херојскиот отпор“.
Во соопштението од Кабинетот на премиерот на Албанија се наведува дека Рама и Зеленски одржале состанок, по што следувала средба на делегациите на двете земји.
„Денешниот самит е состанок на солидарност и натамошно залагање на демократиите на земјите против руската агресија, на кој ќе разговараат за тоа како можат да дејствуваат заедно и да ѝ дадат поддршка на Украина, како и да придонесат за безбедноста и стабилноста на регионот и Европа“, се наведува во соопштението.
Самитот Украина - Југоисточна Европа ќе се одржи на 28 и 29 февруари, а ќе учествуваат 13 земји од Југоисточна Европа, претставени од претседатели или премиери, како и претставници на Европската Унија и други меѓународни институции.