Admir Fazlagic
05 Октомври 2018•Ажурирај: 05 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - Апелацискиот суд во Скопје како неоснована ја одби жалбата на поранешниот премиер, Никола Груевски, за предметот „Тенк“ и во целост ја потврди првостепената пресуда за затворска казна од две години, пренесува Anadolu Agency (AA).
Апелацискиот суд делумно ја прифати жалбата на обвинетиот поранешен помошник-министер за внатрешни работи, Ѓоко Поповски, го преиначи делот на одлуката за казна и го осуди на казна затвор во траење од четири години и шест месеци, а во останатиот дел ја потврди првостепената одлука.
„Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ-23/18, познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која жалбата на обвинетиот Ѓ.П. од С. делумно ја уважи на начин што ја преиначи во делот на одлуката за казната и го осуди на казна затвор во траење од 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
Жалбите на обвинетиот Н.Г. од С. изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост", се вели во соопштението.
Потсетуваме, Кривичниот суд на 23 мај оваа година за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра, го осуди Ѓоко Поповски на шест години и шест месеци затвор, а Никола Груевски како поттикнувач за извршување на делото на две години затвор.
Потоа двајцата поднесоа жалби на првостепената пресуда до Апелацискиот суд во Скопје.
За предметот „Тенк" во одвоена постапка и се суди и на поранешната министерка за внатрешни работи на Република Македонија, Гордана Јанкулоска.
Според пресудата на Кривичниот суд од 23 мај оваа година, Никола Груевски извршил влијание врз другите двајца обвинети на начин што од Гордана Јанкулоска побарал Министерството за внатрешни работи да купи патничко возило „мерцедес“, а Јанкулоска, го поттикнала Ѓоко Поповски при купување на возилото да го фаворизира една компанија.
Истражна постапка под оперативното име „Тенк“, СЈО ја поведе во јануари месец 2017 година.